БРИСЕЛ (АА) – За првпат во својата историја, Европската Унија (ЕУ) финансира со оружје трета земја за воени операции. Земјите членки на ЕУ во изминатата година ѝ испорачаа на Украина различно оружје, муниција, и ѝ пружија противвоздушна одбрана и друга воена опрема, пишува Анадолу.
Испраќањето оружје на Киев е на дневен ред на земјите членки од 24 февруари 2022 година, кога Русија ја започна војната во Украина.
ЕУ за првпат во својата историја одлучи да финансира набавка и испорака на оружје и друга воена опрема. Договорите на ЕУ не дозволуваат Унијата да го користи својот редовен буџет за финансирање воени операции, така што ЕУ за овие потреби го користеше вонбуџетскиот Европски фонд за мир.
Во тој контекст, на 26 февруари беше испорачана првата помош во вредност од 500 милиони евра. ЕУ, исто така, започна програма за обука на 15.000 украински војници во ноември 2022 година.
Износот на воената помош што ЕУ ѝ ја има обезбедено на Украина во рамките на наведениот фонд достигна 3,6 милијарди евра. Испораката на воена опрема е во надлежност на државите членки.
Иако барањата на Украина за тешко вооружување, модерни тенкови, ракети со долг дострел и воени авиони предизвикаа постојана расправа во земјите на ЕУ, многу земји членки, особено Германија, ѝ испорачаа на Украина воена опрема во рок од една година.
Новинарот на Анадолу, по повод првата година од почетокот на војната собра достапни податоци за воената помош на европските земји за Украина.
– Германија –
По долги расправи, Германија конечно донесе одлука да испрати 14 борбени тенкови „Леопард 2 А6“ во Украина, чија испорака треба да биде реализирана до крајот на март.
Германија претходно испрати 3 системи за противвоздушна одбрана ИРИС-T СЛМ и ракетниот систем за противвоздушна одбрана ПАТРИОТ, 37 оклопни противвоздушни тенкови ГЕПАРД и муниција од приближно 6.000 парчиња, 500 СТИНГЕР и 2.700 противвоздушни проектили СТРЕЛА и хаубици од 155 мм во рамките на заедничките проекти со Холандија, Данска и Норвешка.
Германија, исто така, испрати и муниција за ракетни фрлачи, радари за воздушен надзор, резервни делови „Ми-24“, извидувачки беспилотни летала, одбранбени сензори за беспилотни летала, попречувачи на сигнал, приколки, единици за влечење, миноловци и возила за чистење и тенкови, тешки и средни системи на мостови, оклопни возила и разни лесни и тешки возила.
– Франција –
Од почетокот на војната, Франција на Украина воено ѝ помогна со пратки во вредност од 550 милиони евра.
Освен шлемови, заштитни елеци, двогледи за ноќно гледање и медицински помагала, француските војници обучија 400 припадници на украинската војска.
Франција, која испрати околу 100 лесни борбени тенкови од типот АМКС10-РЦ, стотици противтенковски проектили, вклучително и 6 топа ТРФ1 и 18 топа ЦЕЗАР, потоа два повеќецевни фрлачи на ракети од типот ЛРУ, а се обврза да испрати стотици противвоздушни одбранбени ракети „Мистрал“, ракети и системи за противвоздушна одбрана „Кротал“ и „Мамба САМП-Т“.
– Холандија-
Во текот на 2022 година, Холандија на Украина ѝ испорача муниција, опрема и оружје, меѓу кои 200 ракети „Стингер“, 50 лансери „ФИМ-92 Стингер“, 50 противтенковски гранати ДМ72А1, проектили АМПААМ во вредност од 15 милиони евра и неодредено количество проектили „Харпун“.
Холандија, која на Украина ѝ испорача 90 тенка Т-72 во рамките на 120 милиони евра вреден воен пакет за поддршка за тешко наоружување со САД и Чешка, најави дека најмалку 100 борбени тенкови „Леопард 1“ со резервни делови ќе бидат купени од Германија и испратени во Украина.
Исто така, објавено е и дека Министерството за одбрана на Холандија ќе придонесе за обука на украинските војници за тенковите „Леопард“.
Освен тоа, напоменато е дека на Украина ќе ѝ бидат испорачани 2 лансери на системите за противвоздушна одбрана и одреден број проектили, а 65 холандски војници ќе обучуваат 400 припадници на украинскиот воен персонал за системите за противвоздушна одбрана „Патриот“.
Холандија соопшти и дека размислува да испрати тенкови „Леопард 2“ во Украина, а 2,5 милијарди евра од буџетот за 2023 година се резервирани за Украина, за испраќање воена и хуманитарна помош.
– Италија –
Од почетокот на војната, Италија испорача оружје во различни количества во согласност со петте различни декрети кои ги усвои Парламентот на земјата во текот на 2022 година.
Според информациите објавени во италијанските медиуми, на Украина ѝ се доделени 450 милиони евра помош со пет посебни декрети. Претставени се хаубици од 155 мм, противтенковски ракети МИЛАН, минофрлачи од 120 милиметри, различни митралези и нивна муниција, оклопни транспортери, камиони и санитетски прибор.
Во јануари, италијанскиот Парламент го усвои Шестиот декрет со кој се продолжува помошта во оружје за Украина за 2023 година, вклучувајќи го и системот за противвоздушна одбрана „Самп-T“ и ракети.
– Шпанија –
Кога станува збор за Шпанија, пристигнаа системите за противвоздушна одбрана „Хавк“ и „Аспид“, топовска муниција, зимски воени униформи, 22 лесни воени возила и 30 возила за итна помош.
Шпанија ѝ достави на Украина 6,7 милиони пушки и пиштоли со пригушувачи и оптички нишани за нив, 7,2 милиони гранати, димни капсули, мини, разорни бомби, торпеда и ракети, 3,7 милиони опрема, шлемови, зимски капути и заштитна униформа.
Иако шпанската Влада најави дека во Украина ќе испрати 4 до 6 тенка „Леопард“, тоа сѐ уште се нема случено.
– Полска –
Полска, која на Украина ѝ испорача 250 тенка од советски тип, планира во следниот месец да ѝ испорача и 60 модерни тенкови, меѓу кои и 14 „Леопард 2“, со 1.000 парчиња муниција.
Полска испрати и повеќецевни ракетни фрлачи, ракетни системи земја-воздух, самоодни артилериски системи, ракетни системи воздух-воздух, извидувачки беспилотни летала, преносни системи за противвоздушна одбрана, минофрлачи и над 40.000 шлема.
Освен противвоздушните топови С-60 со 70.000 парчиња муниција, Полска донира и пакети за обука за 42 борбени возила на пешадијата. Освен тоа, Полска продолжува да ја снабдува Украина со хаубици КРАБ од 155 мм и разна муниција.
Според изјавата на полскиот министер за одбрана, Мариуш Блашчак на 14 февруари, Варшава и понатаму е една од најактивните земји донатори во пружањето помош за Украина, како во поглед на помошта на населението, така и во поглед на снабдувањето со воена опрема. Износот на воената поддршка обезбедена за Украина се проценува на 2,2 милијарди евра. Освен тоа, украинските војници се обучуваат во Полска.
– Естонија –
Пратките на Естонија вклучуваат десетици хаубици од 155 мм и 122 мм и илјади гранати за нив, повеќе од стотина противтенковски топови „Карл Густав“ и над 1.000 парчиња муниција.
Во соопштението од 19 јануари е наведено дека со дополнителни 113 милиони евра Украина ќе добие вкупно 370 милиони евра.
Како дел од помошта, неодреден број хаубици ФХ70 и 7 заштитени возила „Алвис 4“ се, исто така, испратени од Естонија во Украина.
– Литванија –
Литванија на Украина досега ѝ има обезбедено 240 милиони евра воена поддршка. Со испорака на противавионски топови Л70, хаубици и 2 хеликоптери „Ми-8“, Литванија испрати и голем број оклопни возила, термални камери и дронови.
-Латвија –
Латвија на Украина од почетокот на војната ѝ има обезбедено околу 370 милиони евра воена поддршка.
Познато е дека земјата на почетокот на војната во Украина испрати 30 камиони со индивидуална опрема и залихи (борбени шлемови, сува храна, медицински уреди и лекови).
Рига му достави на Киев 10 противвоздушни топови „Стингер“, додатен систем за противвоздушна одбрана, два хеликоптери М-17, митралези, беспилотни летала и резервни делови за хаубици М109. Освен тоа, заедно со артилерискиот систем М109 „Паладин“ испратени се и 2 хеликоптери „Мил Ми-8“, МТВ-1 и 2 хеликоптери „Мил Ми-2“.
Оваа година, Латвија планира да обучи околу 2.000 украински војници во програми од основна обука на пешадија до специјализирани обуки.
– Грција –
Веднаш по почетокот на војната во Украина, во февруари 2022 година Грција одлучи да испрати воени залихи во Украина.
Во соопштението на Кабинетот на грчкиот премиер на 27 февруари 2022 година се наведува дека е одржан состанок под претседателство на премиерот Кирјакос Мицотакис со учество на грчкиот министер за одбрана, Никос Панајотопулос и началникот на Генералштабот, Констандинос Флорос.
Во рамките на состанокот, Грција, како одговор на барањето на Украина, во консултација со своите сојузниците во НАТО и ЕУ, одлучи да испрати воени залихи преку Полска со два авиона C-130.
По помирувањето со Германија, Грција на Украина ѝ испрати 20 свои оклопни возила од типот БМП-1.
Извор: www.aa.com.tr