Мицкоски во друштво на крајни десничари од Европа на партискиот собир во Вашингтон

February 18, 2025
2 mins read

Нема да има ниту еден претставник на Европската народна партија на американската Конференција на конзервативната политичка акција (ЦПАЦ) која почнува утре во Вашингтон, но затоа од Европа ќе дојдат повеќемина популисти и лидери на крајната десница. Во тоа друштво ќе биде и македонскиот премиер Христијан Мицкоски.

ЦПАЦ е годишна политичка конференција на конзервативните активисти и функционери од САД. Таа ги собира републиканците и оние што се и подесно од нив на повеќедневни различни активности, на кои има и познати говорници од американскиот политички живот. Понекогаш има и странци.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан има неколку пати учествувано на годишните конференции на ЦПАЦ и неговите говори беа најавувани како посебен настан. ЦПАЦ има и своја франшиза во Будимпешта: ЦПАЦ – Унгарија. Годинава Орбан нема да биде на конференцијата, но таму ќе биде неговото популистичко алтер его – словачкиот премиер Роберт Фицо. Во Словачка се во тек големи демонстрации против нагласената авторитарна политика на Фицо и неговото приближување кон Кремљ. Тој е од левиот популистички спектар кој ја црпи агендата од крајните десничари.

Пред неколку дена „Независен“ ја праша Владата кој ги покрива трошоците за патувањето на премиерот на партиски настан. Портпаролката на Владата, Марија Митева, ни даде кус одговор: „Поканет е како премиер“.

Можеби навистина е поканет како премиер, но чудно е што до 12 часот денеска (шест по источноамериканско време), Христијан Мицкоски не е најавен како гостин на официјалната веб-страница на конференцијата. Уште помалку како говорник. Особено затоа што тој и Фицо се единствените премиери од Европа што ќе бидат присутни на собирот во Вашингтон. Според агендата, Фицо ќе им се обрати на присутните, а Мицкоски не е планиран.

Неколку лидери на европската крајна десница се гости и ќе зборуваат на партискиот собир во Вашингтон. Најавен како говорник е Жордан Бардела, претседателот на Националниот собир од Франција, партијата на Марин Ле Пен. Потоа ќе зборува Сантијаго Абаскал, лидерот на екстремно десничарската и франковистичка партија во Шпанија, Вокс. Тој зборуваше и лани. Таму ќе биде и поранешниот полски премиер од крајно десничарската популистичка партија Право и правда, Матеуш Моравјецки. Меѓу говорниците ќе биде и архитектот на „Брегзит“, Најџел Фараж, сега шеф на британската Рефромска партија. Мицкоски се пофали дека на настаните поврзани со инаугурацијата на Доналд Трамп бил на една групна вечера заедно со Фараж. Ќе зборува и поранешната британска премиерка Лиз Трас, која заврши ужасно неславно за само 40 дена.

Од Јужна Америка ќе бидат и ќе зборуваат двајца: аргентинскиот претседател, либертаријанецот Хавиер Милеи, и Бразилецот Едоардо Болсонаро, синот на поранешниот екстремно десничарски претседател Жаир Болсонаро.

Во денешното апдејтување на листата на говорници на годишната конференција на ЦПАЦ го нема Христијан Мицкоски.

ЦПАЦ ед поширок чадор од Републиканската партија. Таа се одржува во различни периоди од годината, а сега е темпирана да биде точно еден месец по преземањето на власта на Доналд Трамп. Таа последниве години е собир за идеолошка потпора на трампизмот. Годинешнава партиска конференција ќе трае од 19 до 22 февруари.

Учеството на годишната конференција на ЦПАЦ се плаќа. Во Америка сѐ е бизнис, па и учеството на партиска конференција. Се купуваат билети. Се чини неверојатно дека Мицкоски ќе треба да плати билет за учество на конференцијата, но доколку делегацијата е поголема (а не знаеме колкава е) може да се случи да мора да се купат и некои билети.

Цените на билетите имаат голем распон: Општ (генерален) билет чини 95 долари. За вечерата наречена „Роналд Реган“ треба да се платат 395 долари.

Има место и за посебен пристап. Тоа се вика „Премиум искуство“. Таму има сребрени, златни, платинести билети. Сребрениот билет чини 3.000 долари, Златниот 7.000, а Платинестиот билет 15.000. Најскапиот – Платинестиот плус билет е распродаден.

Меѓу американските функциониери кои треба да бидат говорници на ЦПАЦ има значајни личности: сенаторот Тед Круз, советникот за национална безбедност на Трамп, Мајк Волц, сенаторот Рик Скот, портаролката на Белата куќа, Керолин Ливит; како и Ричард Гренел, пратеникот на Трамп за специјални мисии. А говор ќе одржи и некогашниот клучен советник на Трамп, Стив Бенон.

Извор Независен

ИЗВОР: racin.mk

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Бесправна сеча на Скопска Црна Гора: Голема акција на ЈП “Македонски Шуми”, шумската полиција и “Македонија Пат (ВИДЕО)

Следно

Владата воведува ограничување на маржите за над 1000 производи

Latest from Blog

Еспањол ја покори Баскија!

ФОТО: RCD Espanyol de Barcelona/FB Еспањол ја покори Баскија, го освои Билбао. Фудбалерите на Еспањол вечерва победија на гостувањето кај Атлетик Билбао со 2:1, во натпреварот од 17-то коло на шпанската Примера.

Утре се празнува Преподобна Ангелина-заштитничка на семејството, мајките и жените

Преподобна Ангелина била сопруга на светиот деспот Стефан Бранковиќ и мајка на светите Јован и Максим. Таа е позната како пример на христијанска трпеливост, смирение и длабока вера. По смртта на сопругот,

Ахмети живее во фолклорот од пред 20 години, вели Муцунски за барањето за избор на Влада со „Бадентер“

Али Ахмети уште живее во фолклорот од времето кога првпат има земено учество во владата од 2002 година. Поминати се многу години, повеќе од 20 од времињата во коишто е заглавена неговата
Go toTop