Норвешката ѕвезда Ренате Ренсве (37) имаше 4 фуриозни години откако во 2021 на Канскиот фестивал ја освои наградата за најдобра актерка во „Најлошата личност во светот“ на Јоаким Триер. Филмот, кој потоа доби и две номинации за Оскар, за најдобар странски филм и за најдобро сценарио, ја лансираше меѓународната кариера на Ренсве: лани играше во два филма во селекцијата на Берлинале, „Друг човек“ на Арон Шимберг со Себастијан Стан и „Друг крај“ на Пјетро Месина со Гаел Гарсија Бернал, а дебитираше и во холивудската серија „Претпоставено невин“ со Џејк Џиленхал.
Ренсве е и главната ѕвезда на „Арманд“, дебито на норвешкиот режисер Халфдан Улман Тендел, кој лани во Кан освои Златна камера за најдобар дебитантски филм и беше норвешки кандидат за годинашните Оскари, но не доби номинација. Тендел, внук на филмските легенди Ингмар Бергман и Лив Улман, вели дека главната улога во „Арманд“ ја напишал за Ренсве со која во 2016 го снимил својот прв краток филм, а подготовките за долгометражното деби траеја 7 години.
Со Ренате Ренсве разговаравме за САКАМДАКАЖАМ.МК на доделувањето на Европските филмски награди 2024, во декември во Луцерн, Швајцарија. Таа не ја доби наградата за најдобра актерка за што беше номинирана, но „Арманд“ ја освои Наградата за откритие на годината што ја додели Меѓународната федерација на филмски критичари – ФИПРЕСЦИ.
Во „Арманд“, што изминатава недела ја имаше кинопремиерата во САД и Европа, Ренсве глуми актерка, Елизабет, која е повикана во школото на 6-годишниот син зашто тој е обвинет за сексуален напад на соученик. Во драматичната приказна за родителската средба во која полека се откриваат комплексни семејни односи на моќ и одмазда, има незаборавна сцена во која Елизабет се смее 7 минути без престан, на почеток малку хистерично, но воздржано, а потоа како буица која не може да се сопре. На прашањео како успеа да ја одигра таа сцена, Ренсве вели:
„Порано, многу години се натпреварував во пливање. Не би се нарекла спортист, но само сакам да доловам слика. Кога сакате да станете подобри, постојано ги поместувате вашите граници. Овој филм е токму за поместување на границите. Мислам дека сум инспирирана од многу големи актерки, како Изабел Ипер, Никол Кидман и Шарлот Геинсбург, но и од филмови како „Ела и види“ (Come and See). Гледајќи како тие актери успеваат да достигнат таква состојба, ме натера да се запрашам дали можам и јас да го направам тоа. Тоа е стар менталитет од времето кога се натпреварув во пливање, но пренесен во актерството, постојано се обидувам да ги поместувам моите граници. Кога добив задача да се смеам седум минути без престан, прво му реков на Халфдам: ‘Нема да успеам’. Но, процесот е многу интересен. Јас доаѓам од театарот и работам таму од деветгодишна возраст. Имав многу строг аналитички театарски учител кој ме научи како да изградите лик преку анализа и потоа да ја развиете фантазијата. Всушност, вашето тело не прави разлика помеѓу тоа дали нешто е вистинско или не, бидејќи сте ја изградиле логиката на ликот толку силно. Колку повеќе детали вложувате во тоа, толку посилно ќе се појави искреноста во моментот. Но, за да стигнете до тој момент, не можете да се смеете без искреност. Требаше да стигнам до состојба каде што таа е толку очајна, во толку голема криза, и е толку внимателна и под стрес што единствената реакција што произлегува е смеа. За да го изградам тој момент, сè беше многу специфично. Јас и Халфдам имаме едно заедничко искуство – двајцата сме биле на погреби на роднини каде што почнавме да се смееме. Јас го доживеав тоа кога почина тетка ми. Не можев да престанам да се смеам во црквата на церемонијата на нејзиниот погреб. Така што, знаев каде во телото се наоѓа таа реакција. Отидов кај тонскиот инженер, Хелге, кој е многу смешен, и го замолив да ми каже некој лош виц – и тој ми кажа многу лош виц. Шегата беше за голема јакна со перничиња – што ја викаме ‘балон јакна’ – и тој многу суво рече: ‘Замисли балон јакна со само еден балон’. Потоа влегов на сетот, со сета анализа, пред многу сериозна публика на актери. Бев толку нервозна и мислев дека нема да успеам. Но, едноставно почнав да се смеам. Се разбира, снимавме десет часа, бидејќи ни беше потребен тој клучен момент за целата приказна и за ликот. Таа сцена беше неизбежна, па затоа посветивме еден цел ден за да ја направиме“.
![](https://sdk.mk/wp-content/uploads/2025/01/Halfdan-Ullmann-Tondel-Renate-Reinsve-shine-on-the-red-carpet-for-ARMAND.jpg)
Ренате Ренсве со режисерот на „Арманд“ Халфдан Улман Тендел на доделувањето на Европските филмски награди во Луцерн. (Фото: ЕФА)
- Рековте дека улогата на Елизабет е најтешкото нешто што сте го направиле. Што беше толку исцрпувачко и како успеавте да излезете од неа?
Јас и Халфдам кога работиме заедно навистина се возбудуваме. Бевме како кучиња на сетот, постојано предизвикувајќи се еден со друг, обидувајќи се да откриеме што можеме да направиме и како да бидеме храбри. Тоа станува повеќе забавно и возбудливо отколку што е заморно. Затоа, некој друг мора да нè запре и да каже: ‘Добро, време е да ја завршиме сцената’. Јас ја изградив улогата постепено. Имав седум години за тоа, бидејќи јас и Халфдам направивме краток филм пред осум години. Веќе тогаш имавме ентузијастички начин на поврзување и споделување идеи за тоа што сакаме да правиме во филмовите. Осум години подоцна тој доби средства, и ние конечно можевме да го направиме филмот. Во меѓувреме, добив многу јасна слика за тоа која е Елизабет.
- Како беше да се игра лик кој е дел од светот на театарот?
Бев многу среќна што повторно бев дел од театарот. Всушност, почнав да разговарам со еден театарски режисер во Норвешка за да направиме нешто следната година, бидејќи многу ми недостига. Тоа е сосема поинаков начин на глума, но мислам дека и двата света можат да се информираат и надополнуваат еден со друг ако ги правиш двата. Гледам многу одлични примери, како Сандра Хилер, ја обожавам нејзината работа. Минатата година сакав да ја видам како игра во „Хамлет“, но немав време. Сепак, догодина дефинитивно ќе одам да ја гледам. Чувствувам дека учиш да изградиш лик на сосема поинаков начин отколку ако само работиш во филмови без тој вид искуство. Театарот те учи на колективност – дека не одиш само како актер да ја завршиш својата задача, туку дека сè е заедничка работа, како сите заедно да создадеме сцена. Тој начин на размислување е одличен и за работа на сет.
- Каков е вашиот начин на глума? Дали успевате да се одвоите од својата личност и целосно да станете некој друг, или секогаш носите дел од ликот со себе дома?
Ова е речиси филозофско прашање. Мислам дека кај секој човек, ставен во очајна ситуација ќе излезат најлошите работи. Или мислам дека имаме некои сличности и секогаш е страшно да ги најдеме тие работи и да бидеме искрени со нив, како што беше случајот со Елизабет, овој лик. Работите што ги прави таа и да се направат да изгледаат реално, тоа е многу страшен процес. И исто така го имам ова затоа што го изградив ликот толку долго пред да почнам да снимам. Ако добијам улога долго време пред снимањето, две недели пред снимањето не знам која е разликата помеѓу мене и овој лик, и тоа навистина те натера да се чувствуваш како да си наполовина психотичен, но ти треба тоа за да бидеш искрен и вистински. Но, исто така, е фантастично чувство, како да си во некоја врста возбуденост, како да си дрогиран кога си во тој статус. И Халфдам како режисер го има истото нешто, така што можете да замислите, беше лудо на снимањето.
- Колку беше важна за вас улогата на Џули во „Најлошата личност на светот“, не во однос на вашата кариера, туку лично и емоционално?
Да, беше многу, многу голема. Ми го промени целиот живот, професионално, но исто така и да имам лик што е напишан за мене, а беше толку сличен на мене во некои аспекти. Како театарска актерка, често се соочувате со ликови кои се толку подалеку од вас што можете да ги замислите. Но, да се биде толку близу до себе беше многу невообичаено и многу страшно. Сепак, да се слушнат толку многу луѓе во светот како велат дека го сакаат овој лик беше неверојатно. И тоа што беше сличен на мене беше најголемиот комплимент. Поминав многу години на терапија, но ова беше најголемиот поттик за самодоверба што некогаш сум го имала. Исто така, имав режисер кој виде нешто во мене. Кога добивате таква доверба, тоа ве ослободува во актерството, бидејќи веќе знае како ќе го одиграте ликот, дури и без аудиција. На толку многу начини, ова беше многу посебно. Исто така, темите во филмот… Слушнав толку многу луѓе како велат: ‘Се разделив со мојот партнер поради овој филм’ или ‘Се оженив со оваа личност поради филмот’. Исто се случи и со мене – читајќи го сценариото, си го сменив целиот живот. Тоа е навистина посебен филм. Само што го звршивме снимањето на новиот филм на Јоаким Триер „Сентиментална вредност“.
- Каква е вашата улога во тој филм?
Оваа улога е малку потемна. Ликот што го играм има поинакви борби. Додека Џули се бореше да открие што сака да прави со својот живот и кого да избере, таа беше многу меланхолична. Но, овој лик, всушност, се мачи да се справи со животот, своите врски и со самата себе. Тоа е, на некој начин, љубовна приказна помеѓу таткото и ќерката и како тие не можат да се поврзат. Иако на некој начин навистина се восхитуваат еден на друг, не успеваат да најдат начин да комуницираат поради тоа какви се. Филмот се обидува да најде начин како да зборува за ова – за врските во нашите животи и за тоа како животите на нашите роднини од минатото директно влијаат врз нас. Тоа е многу поголема приказна. Станува збор за тоа како постоиме заедно. Исто така, Јоаким и сценаристот Ескил Вогт преку „Најлошата личност на светот“ навистина го најдоа својот пат, начинот на кој сакаат да прават филмови. Претходно се обидоа со „Телма“ и „Погласно од бомби’ да влезат во непознати води за да откријат што ќе најдат. Но, мислам дека со „Најлошата личност на светот“ навистина дојдоа до нешто што е многу нивно. Се чувствува дека Јоаким се обидува да биде уште поотворен и почесен за темите за кои сака да зборува.
- Игравте на на англиски јазик во американските продукции на серијата „Претпоставено невин“ и на филмот „Друг човек“. Какво беше тоа искуство и дали ве привлекува Холивуд?
Тоа е интересно. Во Холивуд нема многу лични приказни. „Претпоставено невин“ беше повеќе студиска продукција, голем проект. А „Друг човек“ е многу мал и повеќе независен филм, режисерот има своја лична приказна, но тоа е многу, многу ретко. Таа продукција беше поразлична, послична, и тимот специјално ја одбра оваа приказна. Тоа е исто така многу ретко во Америка, поради начинот на финансирање. Бев исплашена дека во „Претпоставено невин“ нема да можам да ја применам мојата методологија на глума. Ова е само моја теорија, не знам дали е точна, но чувствувам дека во Европа глумата е повеќе фокусирана на визијата на режисерот. Во Америка, актерите имаат повеќе моќ во продукцијата. Тие често, не секогаш, но според моето искуство, го водат процесот. За мене, пак, глумата се базира на тоа да се потчиниш на визијата на режисерот и таа визија да одреди што ќе биде филмот. Тоа се две многу различни вредности. Во Европа, чувствувам дека можеш да бидеш пореален, поинстинктивен. Не мора однапред да знаеш како ќе изгледа сцената или емотивната патека низ неа. Ако си ранлив, го наоѓаш тој момент на вистинска ранливост. Во Америка, пак, тоа е повеќе фиксирано. Веќе знаеш какви емоции ќе поминеш, и актерите се повеќе тренирани за да ги поминат тие емоции. Тоа не е толку сирово и слободно како што го чувствувам европскиот филм. Во „Претпоставено невин“ режисерката на првата епизода беше од Норвешка, па затоа имав поголема слобода. Но, не знам како би се справила со типично американска продукција. Јас не сум многу техничка актерка. Многу сум лоша ако се обидам да бидам техничка. Потребно ми е да ја пронајдам суштината на ликот преку анализа, а потоа да изгубам контрола за да го оживеам. Никогаш не би можела да снимам акционен филм или нешто слично. Тоа би било многу лошо, мислам.
- Норвешката кинематографија изминатава деценија е во успон. Што беше пресвртна точка за тоа?
Не е баш лесно прашање, бидејќи многу години бевме под Данска и Шведска. Како независна земја сме само околу сто години, и мислам дека тој недостаток на самодоверба што го стекнавме под нивно влијание траеше долго време. Се обидувавме да ги копираме другите филмски нации, како на пример Америка, но со премалку финансиски средства. Исто така, бевме исплашени да раскажуваме лични приказни или да го правиме тоа на нашиот начин. Но, чувствувам дека основата беше поставена со Јоаким Триер. Тој работеше на ова веќе 20 години, раскажувајќи ги своите лични приказни. Исто така, серијата „Срам“ (Skam) имаше голем меѓународен успех, што предизвика поголема љубопитност кај луѓето. Дури и луѓето кои ги делегираат парите почнаа малку да се префрлаат кон поддршка на лични приказни и понапредни начини на снимање филмови. Сега, во последните пет години, чувствувам дека луѓето стекнаа многу поголема самодоверба. Сите се горди што се дел од ова, и многу е изненадувачки што норвешката кинематографија сега е на ова ниво. Се случуваат толку многу интересни работи таму. Ќе видиме. Мислам дека ова е многу возбудлив период. Исто така, за „Арманд“ беше потребно многу време да се добијат средства за снимање на тој филм, но и Халфдам беше многу храбар. Тој не размислуваше за нормалната структура на норвешката кинематографија, туку размислуваше на нов начин, туркајќи ги границите. Мислам дека беше навистина храбар со овој филм, и тоа е навистина одлично.
- Зборувате ли за норвешки теми и се обидувате ли да откриете што би можело да биде норвешка тема?
Навистина е тешко да се разберат овие норвешки работи. Знам дека Норвешка е всушност една од најсоцијално конформираните земји во светот, заедно со Саудиска Арабија и Јужна Кореја. Навистина е многу социјално строга земја. Тешко е да го почувствуваш тоа кога си дел од општеството, но кога патувам, го забележувам. На пример, сега работам во Италија, и таму е на некој начин многу послободно, иако секако има свои ограничувања. Во Германија, во Берлин, на пример, е многу слободно, но патот е многу тесен. Мислам дека тоа исто така создава многу анксиозност, меланхолија и депресија. Но, Норвешка е исто така една од најсреќните земји во светот. Па мислам дека сите овие контрадикции сега создаваат нови приказни, и тоа е основата за нив. И имаме ужасно долга зима. Сите се депресивни. Не може да се избегне тоа. Обично е невозможно да се снима во зима, бидејќи е толку студено и темно. Сега имаме само два часа дневна светлина. Филмовите обично се снимаат во пролет или лето, кога е малку потопло, и тогаш сите сме посреќни. Но, сè уште го носиме со нас тој меланхоличен дух. Ова се само мои теории, но се обидувам да одговорам на вашето прашање.
М. КОСТОВА
ИЗВОР: sdk.mk