Ослободен палестински тинејџер: Израелските затвори се место на понижување, тортура и болести

February 4, 2025
3 mins read

ГАЗА (АА) – Семејството на 18-годишниот Реда Обаид со радост го пречека во својот дом во населбата Исавија во Источен Ерусалим (Источен Кудс), но беше шокирано од неговата состојба – целото тело му е покриено со шуга, болест што ја добил за време на престојот во израелскиот затвор, јавува Анадолу.

Неговиот татко Мухамед веднаш го однел во болница на преглед откако ја видел неговата состојба по престојот во затворот „Москубије“ во Ерусалим, од каде што израелските власти го ослободија во четвртокот.

Обаид е меѓу 110 палестински затвореници ослободени во третата фаза од размената на затвореници. Во замена за нив палестинските групи Хамас и Исламски Џихад ослободија тројца Израелци и петмина Тајланѓани кои беа заробени во Газа.

– Апсење и страдање –

Израелските сили го уапсиле Обаид на 21 август 2024 година, прво го сместиле во малолетнички затвор, а потоа го преместиле во затвор за возрасни. Условите во двата затвора тој ги опиша како нехумани.

„Престојот во затвор беше суров – болести, неисхранетост, тепања и непроспиени ноќи. Затворениците трпат само понижување и злоупотреба“, изјави Обаид за Анадолу од својот дом.

„Во малолетничкиот затвор постојано нè тепаа и нè навредуваа“, додаде тој.

„Кога ме однесоа во затворот за возрасни, не беше ништо подобро. Ако веднаш не одговорев на прашањето на стражарот, ме тепаа.“

Обаид се потсети на деновите во затворот „Мегидо“, каде што немало соодветна постелнина и бил принуден првите десет дена да спие без ќебе.

– Борба со болеста –

Обаид рече дека добил шуга набрзо по апсењето.

„Кога се појавив во судот, ја замолив судијката за медицински третман. Таа нареди трансфер во затворската клиника, но властите го игнорираа тоа“, рече тој.

„Еден службеник од затворот ја виде мојата состојба, но не направи ништо“, додаде тој.

Обаид рече дека многу затвореници страдаат од оваа кожна болест, но добиваат само масти и апчиња што не помагаат.

– Слобода со горчлив вкус –

Обаид не очекувал дека ќе биде ослободен.

„Требаше да служам пет години, па кога го слушнав моето име на списокот, бев пресреќен. Едвај чекав да се вратам дома и да добијам соодветен третман. Шугата ме исцрпи, а никој во затворот не се грижеше“, изјави тој.

Неговиот татко Мухамед среќен за враќањето на едниот син, но тажен поради неговиот друг син Диа (19) кој сè уште е зад решетки.

„Пред размената на затвореници Реда имаше неколку судски рочишта. Мислев дека ќе бидат ослободени двајцата, но го пуштија само Реда“, рече Мухамед за Анадолу.

„Рано во четвртокот добив повик од израелската разузнавачка служба. Никогаш не очекував ваков договор“, додаде тој.

Мухамед рече дека можел да го види својот син само на судските рочишта и немал никакви информации за неговата состојба во затворот.

„Не знаев што јаде или како спие. Сега мојот син Диа остана в затвор и немам информации за него“, изјави тој.

„За време на едно судско рочиште ми рече дека го тепале, а модринките беа видливи.“

– Забрана за славење –

Мухамед рече дека израелската разузнавачка служба го предупредила да не организира јавна прослава за ослободувањето на синот.

„Ми рекоа, без групи, без пријатели во посета. Беше забрането“, изјави тој.

Пред да бидат ослободени затворениците во Ерусалим, семејствата се собраа пред затворот „Москубије“ за да ги пречекаат своите блиски.

„Но пред да го видам Реда, властите ни ги конфискуваа телефоните и нè држеа во затворен простор без храна. Дури и за одење во тоалет требаше дозвола“, рече тој.

Мухамед бил ужаснат кога ја видел состојбата на синот.

„Бев во шок. Никогаш не сум видел нешто слично“, рече тој.

„По бескрајни одложувања, го однесов во болница со амбулантно возило за да добие медицинска нега.“

Првата размена на затвореници започна на 19 јануари, при што три Израелки беа ослободени во замена за 90 палестински затвореници – жени и малолетници – од окупираниот Западен Брег, вклучително и Ерусалим.

Во втората размена Израел ослободи 199 палестински затвореници и еден јордански затвореник во замена за четири израелски жени војници што ги држеле во Газа.

Според договорот од три фази, секоја фаза трае 42 дена, Израел се согласи да ослободи од 1.700 до 2.000 палестински и арапски затвореници во замена за 33 израелски заробеници во Газа, без оглед дали се живи или починати.

Во геноцидната војна на Израел се убиени повеќе од 47.500 Палестинци, повеќето жени и деца, а беа повредени над 111.600 од 7 октомври 2023 година.

Во израелската офанзива во Газа како исчезнати се водат над 11.000 луѓе, предизвикани се огромно разорување и хуманитарна криза, а животот го загубија голем број постари луѓе и деца.

Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.

Извор: Anadolu Agency (AA)

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Премиерот Мицкоски и министерот за локална самоуправа Перински ќе одржат заедничка прес-конференција

Следно

Туркије ќе прими 15 Палестинци принудени да живеат во странство по ослободувањето од израелските затвори

Latest from Blog

Луксузен хотел во Кран-Монтана затворен поради пропусти во противпожарната заштита

Швајцарските власти донесоа одлука да затворат луксузен хотел со пет ѕвезди во ски-центарот Кран-Монтана, откако биле утврдени сериозни проблеми со противпожарната безбедност. Одлуката следува само неколку недели по трагичниот пожар во бар

„Илинден“-Тирана 17 години глас на Македонците во Република Албанија

На 6 февруари 2009 година беше формирано Македонското друштво “Илинден”-Тирана, а оваа година се навршуваат 17 години од неговото постоење и работа. Македонско друштво “Илинден”-Тирана е регистрирано во Основниот суд во Тирана,

ВИДЕО: Колона со камиони од синоќешната полициска акција од заплената на десетици тони марихуана

Десетина комбиња, пет камиони, возила на полицијата и царината вчера попладнево влегоа во просториите на поранешната фабрика ОХИС, каде што од вчеравечер се спроведува полициската акција која е поврзана со 5-те тони

На Зимските олимписки игри ќе нема агенти на ICE- заканите со протести ги одвратија

Ниту еден агент на американската Служба за имиграција и царинска контрола (ICE) не ја обезбедува американската олимписка делегација на Зимските олимписки игри Милано-Кортина, изјави денес за новинарите висок безбедносен службеник на Олимпискиот

На чичко Драги од Рекорд му е потребна помош: Го чекаат две операции, се наоѓа во болница

Драги Паровски, познат како Чичко Драги од Рекорд, повеќе од 30 години продава дре­бу­лии на својата тезга кај „Рекорд. По операцијата на рак на грло која ја имаше пред неколку години, чичко
Go toTop