Во светот постојат над 200 типови на Хуман папилома вирус (ХПВ), од кои 20 се високоризични и предизвикуваат рак на грлото на матката кај жените, како и рак на анусот, орофаринксот и машките гениталии.
Соња ТАНЕСКА
Според Др. Соња Ралева, специјалист по општа медицина во ЈЗУ Здравствен дом Скопје, високоризичните соеви се директно поврзани со карциномот на цервиксот. Светските податоци покажуваат дека на секои 30 минути умира една жена како последица на ова заболување, а во Македонија годишно се регистрираат околу 150 нови случаи на рак на грлото на матката.
-ХПВ инфекцијата не предизвикува болест веднаш – потребни се години или децении за да се развие карцином. Затоа, вакцинацијата е најдобрата превенција. Вакцините се наменети за девојчиња и момчиња пред изложување на вирусот, но се препорачуваат и подоцна. Деветвалентната вакцина е докажано ефикасна, спречувајќи 70% од случаите на цервикален карцином и 80% од анален карцином, вели др. Ралева.
ХПВ е широко распространет вирус, а според проценките, дури 85% од луѓето ќе бидат инфицирани со еден или повеќе соеви до 25-та година, бидејќи вирусот лесно се пренесува.
-Доказите покажуваат дека високоризичните соеви на ХПВ се директно поврзани со карциномите на грлото на матката, утерусот, вулвата, вагината, пенисот, анусот и орофаринксот. Но, за овие заболувања постои ефикасна превенција – вакцината која ги содржи најопасните соеви на вирусот. Доколку се аплицира навреме, може да спречи развој на овие малигни заболувања, вели др Ралева.
Како што објаснува таа ХПВ инфекцијата може да остане незабележана со години. Не секој заразен развива болест, но кај 1 од 10 случаи инфекцијата станува хронична. Особено ако е предизвикана од високоризичните соеви 16 и 18, може да доведе до абнормални клеточни промени познати како предканцерозни лезии (ЦИН 1, 2, 3).
-Сепак, веќе има регистрирани случаи на рак кај млади девојки кои не биле вакцинирани, и за жал, има и фатални исходи, како што беше случајот со 21-годишна пациентка заразена со високоризичен ХПВ сој, вели докторката.
Кога треба да се прими вакцина?
Во Македонија, ХПВ вакцината е бесплатна за младите од 12 до 19 години и достапна во диспанзерите за школска возраст. Во европските земји вакцината е достапна до 46 години, а во САД до 50 години. И покрај глобалната потврда за нејзината безбедност, во Македонија опфатот со вакцинација е само 52-54%.
-Најдобро време за вакцинација е од 12 до 15 години, кога имуниот систем е најсилен и создава заштита до 90% против високоризичните соеви. Но, само вакцинацијата не е доволна – редовните гинеколошки прегледи, ХПВ типизацијата и ПАП тестот остануваат клучни за рано откривање и превенција на болеста, додава докторката.
Во Македонија, вакцината најчесто се дава на 12 години, но може да се прима до 19 години бесплатно. Во некои европски земји е достапна до 46 години, а во САД до 50 години како комерцијална вакцина. Важно е да се знае дека и лица кои веќе се сексуално активни можат да се вакцинираат, бидејќи вакцината обезбедува заштита од идни инфекции и компликации. Оваа вакцина е единствената што штити од карцином на гениталниот систем, а нејзината безбедност и ефикасност се потврдени преку бројни научни истражувања, додава др. Ралева.
Таа додава дека од 2024 година, во Македонија се применува деветвалентната Гардасил вакцина, која штити од девет различни серотипови на ХПВ. Покрај високо ризичните, таа вклучува и соеви поврзани со 90% од гениталните брадавици. Претходно се користеше четиривалентната вакцина, која исто така беше ефикасна, но новата формула обезбедува поширока заштита.
Вакцината е препорачана и за момчиња, со што се намалува циркулацијата на вирусот и заштитува и машката и женската популација.
Која е штетата од антиваксерите?
Антивакциналните движења имаат свое влијание, но глобалните податоци, особено од примери како Австралија, покажуваат дека масовната вакцинација доведува до речиси целосно елиминирање на ХПВ-предизвиканите карциноми.
-Светската здравствена организација постави цел до 2030 година да ја елиминира појавата на карцином на грлото на матката, благодарение на масовната вакцинација и кај жените и кај мажите во многу земји. Ова доведе до значително намалување на малигните заболувања во тие држави. Во земјите каде што вакцината се даваше само на девојчињата, мажите останаа изложени на ризик. Инфекцијата кај нив може да доведе до карцином на пенисот, анусот и орофаринксот, со што инциденцата кај оваа популација дури и се зголеми. Редовните гинеколошки прегледи и навремената вакцинација се клучни за превенција. Иако ХПВ 16 и 18 се најризични, постојат околу 20 соеви што носат сериозен здравствен ризик, појаснува др. Ралева.
Во однос на општата вакцинација, иако антиваксерските ставови постојат, тие не преовладуваат. Кај повеќето вакцини, покриеноста е висока, но кај ХПВ вакцината, таа изнесува околу 58%. Најзагрозени се централните градски општини, како Центар и Карпош, каде што опфатот е најнизок, додека во другите општини е значително повисок.
Проверки треба да прават и мажите
Според др. Ралева најновите податоци покажуваат дека инциденцата на карциномите на орофаринксот—вклучувајќи го ракот на усната празнина, коренот на јазикот и крајниците—е зголемена за 224%. За оваа појава, како и за високата зачестеност на овие карциноми, главни виновници се токму ХПВ вирусите.
-Кога веќе имаме толку ефикасна заштита, нема простор за двоумење. Родителите треба да се информираат врз основа на медицината базирана на докази, а не на непотврдени тврдења. Досега во светот се аплицирани 252 милиони дози на ХПВ вакцината, без регистрирани сериозни несакани ефекти што би го загрозиле здравјето на децата. Што се однесува до функционирањето на вакцината, таа не може да предизвика ХПВ инфекција бидејќи не содржи генетски материјал. Наместо тоа, таа користи дел од капсидот на вирусот, кој ја имитира неговата структура и го активира имунолошкиот систем. На тој начин, телото создава антитела кои остануваат во циркулација и веднаш реагираат во случај на контакт со ХПВ, спречувајќи ја неговата долготрајна перзистенција и развој на болест, вели таа.
Од оваа година, вакцината се дава и на машки и на женски деца, е целосно безбедна и покажува висока ефикасност. Родителите одлучуваат за вакцинација на децата до 12 години, но границата е поместена до 19 години, што им овозможува и на младите самостојно да се заштитат.
-Дополнително, кај нас постои проблем со редовните лекарски прегледи, особено кај мажите, кои ретко прават контроли или не знаат каде да се тестираат. Годишните гинеколошки прегледи за жените се клучни, но и мажите треба да бидат свесни за ризиците и да преземат превентивни мерки, порачува др. Ралева.
Како да го решиме проблемот? Кампањи, финансии или нешто друго?
Нема сомнение дека најкруцијалниот аспект во решавањето на проблемот со ХПВ инфекцијата е подигнувањето на свесноста за здравјето на секој поединец. Иако досега вакцините беа главно насочени кон девојчињата, проблемот е подеднакво присутен и кај машките. Инциденцата на заболувања поврзани со ХПВ, како што се карциномите на анус, е исто така висока кај мажите, со 75-85% од случаите асоцирани со оваа вирусна инфекција. Овие податоци покажуваат дека кампањите за подигнување на свесноста и информативните активности треба да ги опфатат и мажите.
Клучен момент во решавањето на овој проблем е воведување редовни прегледи за сите, не само за жените, туку и за мажите. Мажите не се само носители на вирусот, туку и сами се подложни на инфекција, а студиите покажуваат дека тие полесно се инфицираат со ХПВ отколку жените. Како што покажуваат истражувањата, и мажите можат да развијат предканцерозни или канцерозни лезии, а кампањите треба да ги охрабрат да се вакцинираат и да се подложат на редовни прегледи.
-Дополнително, вакцината против ХПВ е бесплатна и достапна во Македонија, што ја става земјата во лидерска позиција во регионот. Но, и покрај ова, не се искористува доволно. Стравот и недоволната информираност на родителите, особено кога се во прашање нивните деца, создаваат заблуди. Затоа, потребно е активни кампањи кои ќе го разбијат стравот и ќе ги информираат луѓето за важноста на вакцината. Важен аспект на овие кампањи треба да биде искористување на стручни лица, како доктори кои работат во диспанзерите, матични гинеколози и лекари, кои можат да ги образуваат родителите и населението воопшто за ефикасноста и безбедноста на вакцинатавели др. Ралева.
Споре докторката на глобално ниво, статистиката за ХПВ е алармантна. Во најголем дел, инфекцијата со ХПВ не води до сериозни проблеми – 80% од заразените се самоизлекуваат благодарение на имуниот систем. Но, 10% од инфицираните лица развиваат хронични инфекции кои можат да траат со години и да предизвикаат предканцерозни лезии. ХПВ вирусот е одговорен за деветтиот најчест рак во светот, а четвртиот најсмртоносен рак кај жените – карциномот на цервикс. Ова е сериозна закана и не може да се игнорира.
-Превенцијата преку вакцинација е клучна. Здравствениот систем ќе биде многу поефикасен и поевтин доколку се фокусира на превентивни мерки, наместо на лекување на болести кои се предизвикани од ХПВ. Вакцините против ХПВ не само што нудат висока заштита од рак, туку можат да спречат сериозни здравствени последици кои ќе се појават многу подоцна во животот. Наместо да чекаме да се појават проблемите, треба да преземеме мерки сега, преку вакцинирање на младите и подигнување на свеста во општеството. Секој од нас, дури и ако се чувствуваме здрави, може да биде подложен на оваа инфекција и не знаеме кога би можеле да се соочиме со последиците. Превенцијата е секогаш поевтина од лекувањето, и затоа ефикасноста на вакцините против ХПВ не треба да се игнорира. Важно е да се осигураме дека секој поединец е информиран и свесен за здравствените ризици, како и за достапните решенија преку вакцинација, порачува др. Ралева.
ИЗВОР: racin.mk