Во Здравствениот дом „Нада Михајлова“ денеска беше презентиран новиот специјализиран ултразвучен (ехо) дијагностички систем, набавен со средства обезбедени од Фондот за здравствено осигурување на Македонија.
Посетата на установата ја извршија директорот на Фондот за здравствено осигурување, г. Сашо Клековски и заменик-министерот за здравство, г. Јовица Андовски, кои заедно со директорот на Здравствениот дом, д-р Маријан Миленковски, го презентираа новиот апарат со најсовремени стандарди и технологии во дијагностиката.
Овој ултразвучен систем претставува најнова генерација на медицинска опрема, која располага со три сонди – конвексна, линеарна и кардиолошка, овозможувајќи врвна прецизност при кардиолошки, интернистички и невролошки прегледи.
„Ова е историски ден за Пробиштип. Ваква инвестиција во здравството – со технологија од највисок ранг и директна корист за пациентите – досега не сме имале,“ истакна д-р Миленковски, додавајќи дека во наредните месеци ќе се одржат и сертифицирани обуки за лекарите специјалисти, со цел професионално и ефикасно користење на новата опрема.
Дополнително, во тек е и испораката на дигитализер за рендген апаратот, кој ќе овозможи дигитални прецизни рендгенски слики и значително пократко време на обработка на резултатите. Новата технологија ќе биде инсталирана и ставена во функција во текот на следниот период.
Овие набавки се дел од континуираните напори за модернизација на здравствената инфраструктура и подобрување на условите за работа на медицинскиот персонал, но и за обезбедување поквалитетни, побрзи и подостапни здравствени услуги за сите граѓаните на Пробиштип.
„Фондот продолжува со конкретни инвестиции во здравството во сите општини, затоа што секој граѓанин заслужува современа и навремена медицинска услуга,“ изјави директорот Клековски.
Со оваа набавка, Здравствениот дом „Нада Михајлова“ станува еден од технолошко опремените домови на примарно здравство во источниот регион – уште една потврда дека со одговорно и домаќинско управување, здравството во Пробиштип оди напред.