Двајцата француски сопственици на барот во Кран-Монтана, во кој избувна смртоносниот пожар на новогодишната ноќ, се испрашани од истражителите, изјави обвинителката на кантонот Вале, Беатрис Пилу.
– Сè укажува на тоа дека пожарот почнал од запалени прскалки на шишиња шампањ кои биле премногу блиску до таванот. Брзо се запалил, а потоа пламенот се проширил многу брзо низ целиот објект, рече Пилу.
Според обвинителката, истражителите се повеќе склони да веруваат дека причина за пожарот биле прскалки од типот што се ставаат на роденденските торти и се продаваат во секоја продавница, но засега ништо не може да се каже со сигурност.
Сè уште не е утврдено кој сноси кривична одговорност за трагедијата во барот, додаде обвинителката и изјави дека не може да каже кога е извршена последната пожарна инспекција таму.
Таа на прес-конференција изјави дека лицата кои биле повикани да дадат информации не биле сослушани како мерка на претпазливост, пренесува Скај њуз.
– Доколку постои ризик од бегство, може да преземеме потребни мерки, но засега не е утврдена кривична одговорност, рече таа.
Сопствениците на барот се брачен пар од Корзика, кои имаат неколку ресторани во тој дел од Швајцарија.
Истрагата се фокусира и на тоа дали звучната изолација на таванот на барот можеби играла улога во ширењето на пламенот. Во исто време, полицијата во Кран-Монтана соопшти дека досега немало пријави за какви било безбедносни нерегуларности во барот.
Извор: tv21


