Резултатите од најновата анкета на американскиот Институт Пју (Pew) покажуваат дека поголемиот број луѓе во светот слушнале за вештачката интелигенција (ВИ), повеќето од нив се загрижени поради нејзината примена, а како глобален актер кој би ја регулирал примената на ВИ ја посочија Европска Унија.
Испитувањето на јавното мислење е спроведено во 25 држави, каде во просек 34 отсто од испитаниците изјавиле дека слушнале или читале за ВИ, 47 проценти одговориле дека нешто слушнале, а 14 отсто навеле дека не слушнале за ВИ.
Дури 34 проценти од испитаниците изјавиле дека се загрижени од влијанието на ВИ во секојдневниот живот, а 16 отсто одговориле дека се повеќе ентузијастични отколку загрижени. Додека 42 проценти одговориле дека се подеднакво загрижени и возбудени од влијанието на ВИ.
Резултатите од анкетата покажуваат дека најзагрижени од влијанието на ВИ, приближно 50 отсто се граѓаните на СД, Италија, Австралија, Бразил и Грција, а најмалку загрижени се граѓаните на Јужна Кореја (16 проценти).
На прашањето колку нивната земја може успешно да ја регулира примената на ВИ, најголем оптимизам покажале граѓаните на Индија (89 отсто), потоа следи Индонезија (74 проценти) и Израел (72 отсто). Додека само 22 проценти од Грците навеле е дека ѝ веруваат на својата влада оти ќе се справи со задачата.
Дури 53 отсто од испитаниците ширум светот веруваат дека Европска Унија успешно ќе ја регулира примената на ВИ, 37 проценти изјавиле дека тоа ќе го направат САД, а 27 отсто Кина.
Анкетата на Институтот Пју ја покажува силна врска помеѓу БДП на одредена земја и свеста за постоењето на ВИ, а луѓето во релативно побогатите земји се подобро информирани за оваа технологија, додека во Индија само 14 проценти и 12 отсто од испитаниците во Кенија слушнале за ВИ.
Истражувањето покажува и оти помладите луѓе се значително позапознаени со постоењето на ВИ и имаат поголем ентузијазам, како и дека во повеќе од половина од земјите мажите се поинформиртани за ВИ, но во исто време жените се позагрижени за нејзината употреба. (МИА)
Извор: kurir.mk