Во донаторска кампања „Туркије, едно срце“ собрани 5,7 милијарди евра

3 mins read

ИСТАНБУЛ (АА) – Во донаторската кампања за помош „Туркије, едно срце“, која заеднички се емитуваше на тв-екраните и на радијата за настраданите од земјотресите кои потресоа 11 турски области со епицентар во областа Кахраманмараш, собрани се средства во висина од 115,1 милијарди лири (5,7 милијарди евра), а испратени се над 9 милиони СМС-пораки, известува Анадолу.

Заедничката програма на кампањата „Туркије, едно срце“, беше емитувана на 213 национални и меѓународни телевизии и 562 радиоканали.

За време на заедничкото емитување на програмата организирана за донаторската кампања „Туркије, едно срце“, која траеше седум часа, собрани се донации во вредност од 115,1 милијарда лири (5,7 милијарди евра), а испратени се над 9 милиони СМС-пораки.

Осум еминентни личности од Туркије, меѓу кои имаше и актери, новинари, тв-водители, во парови од по двајца, беа модератори на програмата во живо.

Покрај телефоните, наизменично се менуваа и познати личности кои ги забележуваа донациите. Телефонската комуникација со донаторите ја остваруваа најпознатите актери од турските серии, тв-водители и пејачи, најпознатите турски спортисти, претседатели на спортски клубови од Туркије и многу други. Средства донираа од најголемите компании во Туркије, па се до пензионери, студенти и деца кои своите пензии, заштеди и школарини ги донираа за настраданите во земјотресите.

– Во програмата се вклучи и претседателот Ердоган

Претседателот Реџеп Таип Ердоган вклучувајќи се во програмата, рече дека државата со сиот свој персонал и опрема и со мобилизација на целата нацијата, преземена е итна акција за да се застане покрај жртвите од земјотресот во трката со времето во напорите за пребарување и спасување, и додаде дека продолжуваат активностите за спасување и укажување помош, покрај суровите зимски услови и големината на областа зафатена од разорните земјотреси.

Зборувајќи дека недостатоците и пропустите од првите денови се отстранети многу бргу, Ердоган рече:

„Работата е забрзана со напорите на 250.000 службеници на теренот и нашата нација како целина. Ја изразуваме нашата благодарност до сите, вклучително и јавниот персонал, членовите на граѓанското општество и волонтерите, со кои заедно, на сопствени плеќи ја издржавме катастрофата на векот. Би сакал да им се заблагодарам на пријателските земји кои застанаа покрај нас и со активностите за пребарување и спасување и со денешната кампања за помош и со своите пораки на сочувство. Најпрво ќе ги завршиме работите за пребарување и спасување, нема да оставиме ниту еден човек под урнатините, а услугите за храна и сместување ќе ги вршиме на начин што нема да предизвика ничии негодувања.“

Наведувајќи дека веднаш „ги засукале ракавите“ за отстранување на шутот и за обновување на разрушените градови, Ердоган истакна од почетокот на март започнуваат со изградба, поставувајќи темели на 30.000 домови на местата каде што се завршени прелиминарните активности, по што додаде:

„Нашата цел е на местото на секоја урната зграда, во рок од една година да започнеме со доделување домови за нашите луѓе во кои тие ќе можат мирно и безбедно да живеат. Се надевам дека заедно ќе го надминеме овој тест.“

Ердоган информира дека членовите на Кабинетот, на состанокот што се одржа вчера, собрале средства во висина од 136.589.000 лири (6,83 милиони евра), потенцирајќи дека секоја лира што ја донирале и средствата што ќе бидат собрани од кампањата од земјата и од странство на сметката на турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), ќе се користат само за загрозените од земјотресот.

Ердоган соопшти дека поддршка во висина од 100 милијарди лири (5 милијарди евра) дало Министерството за трезор и финансии, а во периодот што следува, истото министерство ќе ја даде сета потребна поддршка и при изградбата на домовите.

„Барам дозвола за период од една година од мојот народ. За една година се надевам дека ќе ги завршиме овие домови и ќе им ги предадеме на нивните сопственици“, рече Ердоган во емисијата, заблагодарувајќи им се на сите за нивниот придонес.

– Генералниот секретар на ОН, Гутереш: „Го повикувам целиот свет да ви даде поддршка“

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, во својата видеопорака рече, „Туркије е земја која е домаќин на најголем број бегалци и покажува неспоредлив пример на великодушност кон своите сириски соседи. Сега го повикувам целиот свет да ви даде поддршка.“

Изразувајќи му на турскиот народ најдлабоко сочувство и голема солидарност со него, Гутереш рече дека Туркије се соочува со една од најголемите природни катастрофи на сите времиња, но истакна дека не е сама.

– Донации од ТРСК, претседателот на турскиот Парламент, премиерот на Албанија…

Во емисијата во живо се јави и претседателот на Турската Република Северен Кипар, кој истакна дека собрале средства со кои ќе донираат 1.000 станбени контејнери за загрозените од земјотресот, додавајќи дека донира свои три плати во донаторската кампања.

Претседателот на турскиот Парламент, Мустафа Шентоп, донира две свои плати во кампањата „Туркије, едно срце“, а три плати донирал веднаш по земјотресот, вкупно пет плати, и ги повика сите пратеници да донираат по една плата за загрозените.

Премиерот на Албанија, поврзувајќи се во емисијата во живо, рече дека не го заборавите турскиот народ и претседателот Ердоган кои им излегоа во пресрет во 2019 година кога земјата ја потресе силен земјотрес и соопшти дека во донаторската кампања „Туркије, едно срце“, во име на албанскиот народ донира 1 милион евра.

– Цела Туркије стана „едно срце“

Донаторската кампања „Туркије, едно срце“ на нозе ја крена цела Туркије, а средства донира речиси секој. Најголеми донации дојдоа од банките, од кои Централната банка на Туркије донира 30 милијарди лири (1,5 милијарди).

На донацијата се приклучија сите турски компании, од големи до мали, давајќи свој придонес во помошта за настраданите во земјотресот.

– Донации од Асирската заедница и Патријаршијата на Ерменците на Туркије

Заменик-патријархот на сириската античка заедница, Јусуф Четин, објави дека донирале 1.250.000 лири (62.500 евра) за кампањата во име на Фондацијата за античката асирска заедница во Истанбул.

Во донаторската кампања учествуваше и Патријаршијата на Ерменците на Туркије, донирајќи 3 милиони лири (150.000 евра).



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS).

Извор: www.aa.com.tr

Претходно

Судот во Стразбур одлучи дека предметите на СЈО не пропаѓаат

Следно

Воен хеликоптер падна на автопат во САД, загинаа две лица

Latest from Blog