Ако одлуката на Уставниот суд за платеното политичко рекламирање биде во корист на Левица, по чија иницијатива Судот веќе расправаше, тогаш Собранието ќе мора повторно да го отвори Изборниот законик, барем во тој дел, со што се отвора можност партиите да се обидат да постигнат консензус и за прашањата на кои заглавија.
Одлуката на Уставниот суд за платеното политичко рекламирање, но и новиот министер за правда Јетон Шасивари можат да го вратат Изборниот законик високо на политичката агенда по летните одмори, откако законското решение заглави во Собранието, проценуваат партиите.
Законското решение остана во собраниските лавиринти откако СДСМ го затрупа со 10.000 амандмани, а ВМРО-ДПМНЕ гласањето на дијаспората го исцрта како црвена линија од која нема да отстапи, а за сите други разидувања меѓу партиите топката ја префрли кај опозицијата – таа да се договори и сè што ќе усогласат ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати. Ако одлуката на Уставниот суд за платеното политичко рекламирање биде во корист на Левица, по чија иницијатива Судот веќе расправаше, тогаш Собранието ќе мора повторно да го отвори Изборниот законик, барем во тој дел, со што се отвора можност партиите да се обидат да постигнат консензус и за прашањата на кои заглавија.
Иако освен препораките на ОБСЕ и ОДИХР за изборната регулатива, тригер за расправа за Изборниот законик беше и промената на изборниот модел, сепак, власта и опозицијата не се усогласија за воведување една наместо шест изборни единици. СДСМ се повлече од работната група откако ВМРО-ДПМНЕ без консензус ја укина техничката влада, по што опозициската партија го блокираше законот со илјадници амандмани. Изборниот законик е еден од петте закони за кои може да се примени филибастеринг, односно дозволена е неограничена расправа. Како што веќе објавивме, Уставниот суд на првата седница во септември ќе ги стави на гласање сите предмети за кои нема одлуки, освен чувствителните. Станува збор за шест или седум предмети, меѓу кои и Изборниот законик во делот на платеното политичко рекламирање. Судот ќе гласа за тие предмети, бидејќи со изборот на судијката Мери Дика Георгиевска за уставна судијка ќе има промена на ситуацијата. Минатиот пат немаше мнозинство од најмалку пет судии за да се донесе каква и да е одлука.
Извор: zurnal.mk


