Коалицијата АКИ, која според ВЛЕН беше создадена без јасна политичка насока, програма и заедничка визија, влегува во фаза на целосна дезинтеграција. Заминувањето на Алијансата за Албанците на Зијадин Села, како и повлекувањето на Кренар Лога, според коалицијата ВЛЕН, се показател за длабока внатрешна криза и недостиг од кохезија во овој политички сојуз.
Во соопштението се нагласува дека повеќемесечните несогласувања меѓу партнерите во АКИ ја претвориле коалицијата во „пример за неуспех“, а не во политичка сила со план и ориентација.
„АКИ функционираше само како засолниште за лични интереси, а не како проект што им нуди перспектива на Албанците“, наведуваат од ВЛЕН, потенцирајќи дека распадот е неизбежен кога политичката понуда нема идеологија ниту конкретни цели.
Од ВЛЕН додаваат дека додека АКИ се распаѓа „парче по парче“, граѓаните и значајни политички актери повторно ја препознаваат стабилноста и визијата што нивната коалиција ја нуди.
„ВЛЕН останува единствената консолидирана сила со програма, визија и јасна државна структура. Ќе продолжиме да работиме одговорно и транспарентно, за заштита на заедничкиот интерес и изградба на сигурна иднина за граѓаните“, стои во соопштението.
Од коалицијата заклучуваат дека додека тие градат стабилност и перспектива, другите се занимаваат со распад на коалиција која „никогаш немала сопствена причина постоење“.


