На 2.218 метри надморска височина, на 9 август 2025 година, љубителите на планината, природата и театарската уметност ќе имаат ретка можност да ја проследат 26-тата изведба на претставата „Ноќта кога ја убив месечината“ на Големо Езеро, Пелистер. Настанот ќе се одржи под егзактно полна месечина, а актерите ќе настапат на природна сцена.
Организатори се ЈУ Национален парк Пелистер, во соработка со Народниот театар – Битола и Битолскиот камерен оркестар, со поддршка на Општина Битола. Претставата е во режија на Марјан Георгиевски, кој настапува заедно со актерот Александар Копања, а музиката ќе биде изведена во живо од членови на Битолскиот камерен оркестар.
Публиката ќе може да ја проследи драмата од 21:30 до полноќ, со теми кои отвораат прашања за човековата егзистенција, осаменоста, слободата, маските во секојдневието и загубените вредности во современото општество.
Поради специфичните природни услови и важечката забрана за движење во шума, присуството е дозволено само со претходна најава, а бројот на посетители е ограничен. Посетителите се повикуваат да носат соодветна планинарска опрема, храна и најмалку два литри вода, бидејќи температурите се очекува да бидат меѓу 11 и 13°C.
Дополнителни информации и пријавување се вршат на телефонскиот број 070 312 214.