Туркије: Утре претседателски и парламентарни избори, право на глас имаат над 64 милиони гласачи

4 mins read

АНКАРА (АА) – Гласањето за претседателските и парламентарните избори во Туркије ќе започне утре, 14 мај, во 8 часот по локално време и ќе трае до 17 часот, јавува Анадолу.

Ќе бидат поставени вкупно 191.885 гласачки кутии во 973 окрузи и 1.094 изборни одбори низ целата земја за избор на претседател и членови на Парламентот за следните пет години.

Повеќе од 64,1 милиони гласачи ќе гласаат во Туркије и во странство. Околу 4,9 милиони лица во земјата ќе гласаат првпат. Бројот на гласачи во затворите е 53.172.

Гласачите ќе можат да гласаат со еден од своите документи што го содржи нивниот матичен број.

Нема да биде задолжително да се носи лист во кој е прикажано каде да се гласа. Оние што не го добиле информативниот лист за гласачи, информации за тоа каде и во која гласачка кутија да гласаат може да добијат на веб-страницата на Врховната изборна комисија (YSK). Ако изборите одат во втор круг, листот нема да се бара повторно.

Ќе биде забрането влегување на гласачкото место со видеокамери или уреди за комуникација, како мобилни телефони или апарати. Тие уреди ќе се оставаат кај комисијата за гласачки кутии и ќе се враќаат откако ќе заврши процесот на гласање.

Избирачите ќе стават две посебни гласачки ливчиња во гласачките кутии, за претседател и пратеници.

Најпрво ќе се изврши пребројување на гласачките ливчиња за претседателските избори.

– Изборите во регионот погоден од земјотресите –

Врховната изборна комисија презеде различни мерки во 11-те турски области што беа погодени од земјотресите на 6 февруари и во тие области постави контејнери за гласање.

Во училиштата каде што и претходно беа поставени гласачки кутии, тие ќе бидат поставени повторно. Дури и ако училиштата се уништени или оштетени, гласањето ќе се обезбеди со поставување контејнери пред училишните згради.

Гласачите погодени од земјотресите ќе гласаат каде што ќе ги пријават своите адреси, а гласовите ќе се бројат за таа изборна единица. Приближно 133.000 гласачи од зоната на земјотресот се регистрирани во други турски области.

Ќе има и мобилни гласачки кутии за гласачите што се врзани за кревет поради болест или инвалидитет. Тие гласачи ќе можат да гласаат во мобилните гласачки кутии.

Првпат за секоја гласачка кутија ќе биде испратен шаблон за лицата со оштетен вид што ќе гласаат со примерок подготвен за нив.

– Продолжува гласањето на граничните премини –

За над 3,4 милиони гласачи запишани во странските избирачки списоци беа формирани комисии во 73 земји и 156 странски претставништва. Процесот на гласање во странските претставништва заврши на 9 мај. Процедурата за гласање на граничните премини за оние што не можеле да гласаат во одредениот период во нивната земја на престој ќе продолжи до 5 часот утре наутро.

Гласачките ливчиња користени во странство се донесени во Туркије со авиони и дипломатски курири. Гласовите складирани во Окружниот избирачки одбор за странство во Анкара ќе бидат отворени и пребројани истовремено со другите гласови, по завршувањето на утрешниот гласачки процес низ целата земја.

Над 1,76 милиони Турци кои живеат во странство го дадоа својот глас за избор на новиот претседател на земјата и парламентарните претставници.

– Претседателски кандидати –

Гласачите ќе избираат меѓу актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој се кандидира за уште еден мандат, за главниот опозициски кандидат Кемал Киличдароглу и за Синан Оган. Мухарем Инџе, уште еден кандидат за претседател, се повлече од трката во четвртокот.

На изборите ќе учествуваат вкупно 24 политички партии и 151 независен кандидат за пратеници.

Некои политички партии на изборите влегуваат со пет различни алијанси: „Република“, „Нација“, „Сојуз на предците“, „Труд и слобода“ и „Сојуз на социјалистичките сили“.

Партијата на правдата и развојот (АК Партија), Партијата за национално движење МХП, Партијата за големо единство (ББП) и Партијата Нова благосостојба учествуваат под „Народна алијанса“.

„Национална алијанса“ е формирана од Републиканската народна партија (ЏХП), ИЈИ партија, Партија на среќата, Партијата на иднината, Партијата за демократија и прогрес (ДЕВА) и Демократската партија.

Партијата на зелените и левичарската Иднина (Зелена левичарска партија) и Турската работничка партија (ТИП) настапуваат под „Алијансата на трудот и слободата“. Народната демократска партија (ХДП), за која сѐ уште трае процесот пред Уставниот суд, ќе учествува на листите на Зелената левица.

Партијата на победата и Партијата на правдата учествуваат под „Сојуз на предците (Ата), додека Комунистичката партија на Туркије, Комунистичкото движење на Туркије и Левичарската партија учествуваат под „Сојуз на социјалистичките сили“.

– Забрани за денот на изборите –

Од 6 до 12 часот утре по локално време стапува на сила забраната за продажба на алкохолни пијалаци, а ќе биде забрането и нивно обезбедување на јавни места. Местата за забава ќе останат затворени за време на гласањето, а во рестораните ќе се служи храна.

Свадбите ќе се одржат по 18 часот, под услов да се почитуваат изборните забрани и наведените правила.

Никој нема да може да носи оружје, освен оние што се задолжени за одржување на безбедноста и редот. Радиостаниците и телевизиите нема да можат да известуваат, да даваат предвидувања и да коментираат за изборните резултати до 18 часот на денот на изборите. Меѓу 18 часот и 21 часот ќе може да се емитуваат само вести и коминикеа што ќе ги објавува Врховната изборна комисија.

– Караѓоз: Анадолу подготвена за следење на изборите на 14 мај, подготвен посебен софтвер –

Агенција Анадолу веќе 15 месеци активно работи на подготовките за следење на претседателските и парламентарните избори што ќе се одржат утре во Туркије, со цел навремено доставување на резултатите од изборите до своите претплатници, подготвен е посебен софтвер, изјави во четвртокот претседателот на Управниот одбор и генерален директор на Анадолу, Сердар Караѓоз.

Караѓоз говореше за активностите и подготовките што ги спроведува Анадолу за собирање на резултатите од претседателските и парламентарните избори на 14 мај и нивно доставување до претплатниците.

Истакнувајќи дека агенцијата е подготвена за изборите и дека од февруари 2022 година работи на што побрзо доставување на резултатите од изборите до своите претплатници, Караѓоз рече дека Анадолу развила посебен софтвер преку кој податоците ќе се претвораат во графики. Вработените во Анадолу од терен ќе ги скенираат потпишаните записници од избирачките места и нивните скенирани примероци ќе ги праќаат до центарот за изборите на Анадолу.

Наведувајќи дека приближно 2.500 луѓе, вклучително и постојани вработени и хонорарци, слободни новинари и служби за поддршка, ќе бидат распоредени на терен низ цела Туркије во собирањето на изборните податоци, Караѓоз рече:​​​​​​​

„И јас ќе бидам на терен, познато е училиштето што ми е доделено и ќе бидам таму. Слика од извештајот за изборните резултати со потпис од избирачкото место ќе препратам до Центарот за следење на изборите, каде што сме во моментов.“

Наведувајќи дека бројот на гласачки кутии е над 190.000 и дека 2.500 вработени во агенцијата нема да бидат доволни, Караѓоз рече дека и на тој план се преземени дополнителни активности.

Тој наведе дека освен околу 2.500 вработени во Анадолу, и вработените во истражувачката компанија со која е склучен договор ќе ги пренесуваат визуелните прикази од извештаите од избирачките места и ќе ги доставуваат во системот.

Говорејќи за улогата на Анадолу на изборите, Караѓоз нагласи дека таа не е дел од изборите, туку ги следи за своите клиенти.

Тој истакна дека е важно да се смени перцепцијата дека Анадолу објавува резултати. Како што рече, Анадолу ги следи изборите за своите претплатници, а изборните резултати ги објавува Државната изборна комисија.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS).

Извор: www.aa.com.tr

Претходно

Граѓаните на Австрија се против проширувањето на Европската Унија

Следно

Париз: Полицијата забрани демонстрации на крајната десница планирани за викендов

Latest from Blog