Сенатот на Соединетите Амрикански Држави (САД), каде мнозинството го имаат републиканците, усвои резолуција со кој му се наложува на претседателот на државата Доналд Трамп да ја запре војната со Иран или да бара одобрение од Конгресот пред да продолжи со нови воени дејствија, јавуваат светските медиуми.

Група републиканци, како што пренесува Би-би-си, им се придружија на своите колеги од таборот на демократите за во тесно гласање синоќа со 50 гласа „за“ и 48 „против“ да ја усвојат резолуцијата. Мерката претходно овој месец беше усвоена од Претставничкиот дом на Конгресот на САД.
Сепак, како што забележуваат медиумите, резолуцијата во голема мера е симболична, бидејќи, иако усвоена од двата дома на Конгресот, таа нема да биде доставена на разгледување до Трамп и нема сила на закон.
Инаку, разгледувањето и гласањето за ова прашање дојде откако републиканците во Конгресот чија поддршка ја има американскиот претседател, изразија скептицизам во однос на мировниот план што Трамп го договори со Иран за ставање крај на непопуларниот конфликт кој влегува во петтиот месец откако израелско-амерканските сили ја нападнаа земјата на Блискиот Исток.
Американскиот претседател вчера вечер ја критикуваше резолуцијата, нарекувајќи ја лошо темпирана и бесмислена, пренесуваат светските медиуми.
„Значи, го држам Иран на јаже, подготвен е да падне на есен…а Сенатот на САД одлучува да има лошо темпирано и бесмислено гласање во врска со Законот за воени овластувања…Овие сенатори ми ја отежнаа работата, но јас ќе ја завршам, на еден или на други начин, бидејќи секогаш ја заршувам“, напиша Трамп на својата социјална платформа Трут соушл (Truth Social).
Извор: vecer.mk

