Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе царини за земјите кои не го поддржуваат неговиот план САД да ја преземат контролата врз Гренланд.
„Би можел да воведам царини за земјите ако не се согласат со Гренланд, бидејќи ни е потребен Гренланд за национална безбедност“, рече Трамп на тркалезната маса за рурално здравје во Белата куќа.
Трамп постојано повторува дека САД „апсолутно“ мора да го преземат Гренланд, дополнително зголемувајќи го притисокот врз Данска, која формално е сопственик на островот.
President Trump:
I may put a tariff on countries if they don’t go along with Greenland, because we need Greenland for national security. So I may do that. pic.twitter.com/cH2w13C4Cb
— Anton Gerashchenko (@Gerashchenko_en) January 16, 2026
Неговата нова изјава доаѓа по состанокот во Белата куќа во среда, на кој присуствуваа данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен и министерката за надворешни работи на Гренланд Вивијан Мотцфелд, заедно со американскиот државен секретар Марко Рубио и потпретседателот на САД Џ.Д. Венс.
Истиот ден, Врховниот суд на САД соопшти дека очекува во вторник да донесе долгоочекувана одлука за легалноста на царините на Трамп.
Прашањето е дали претседателот може сам да воведе царини или за тоа е потребна согласност од Конгресот.
Интересот на Трамп за преземање на Гренланд првпат беше јавно изразен за време на неговиот претходен мандат, кога отворено зборуваше за можноста САД да ја купат територијата. Данска решително ја отфрли таквата идеја во тоа време, истакнувајќи дека Гренланд не е на продажба.
Гренланд е автономна територија во рамките на Кралството Данска, со своја влада и парламент, а и данските и гренландските функционери постојано нагласуваа дека одлуките за иднината на островот можат да ги донесат само неговите жители.
Прашањето за Гренланд е постојано присутно во односите меѓу Вашингтон и Копенхаген во последните години, а дополнително беше истакнато и на споменатата неодамнешна средба во Белата куќа. Американската страна го повтори стратешкото значење на Гренланд за националната безбедност, военото присуство на САД на Арктикот и поширокиот геополитички контекст на односите со Русија и Кина, додека Данска и Гренланд продолжуваат да ја отфрлаат секоја можност за промена на суверенитетот.
Во последните денови, Германија, Франција, Норвешка, Шведска и Обединетото Кралство испратија војници во Гренланд за да го зголемат своето присуство во арктичкиот регион, додека Данска дополнително ги зајакна своите сили и опрема на островот. Европските влади истакнуваат дека станува збор за одбранбени мерки во рамките на сојузничките обврски и нагласуваат дека политичкиот статус на Гренланд не може да се промени со едностран притисок.
Во исто време, Трамп рече дека не ја исклучува можноста САД да се повлечат од НАТО во контекст на спорот околу Гренланд, што дополнително ги загрижи сојузниците на САД во Европа.
Извор: tv21


