Кандидатот за градоначалник на општина Пробиштип од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Тоневски, денеска се сретна со граѓаните на пазарот во Злетово, каде што, како што рече, силно се почувствувал гласот на народот – гласот на луѓе кои сакаат промени и веруваат дека може и мора подобро.
„Злетово заслужува повеќе, и тоа ќе го добие!“, порача Тоневски, претставувајќи ги своите приоритети за локалниот развој. Тој најави низа конкретни инфраструктурни и комунални проекти кои, како што истакна, ќе го подобрат секојдневието на жителите.
Во неговата програма се предвидува:
– изградба на покриен пазар,
– уредување на речниот кеј,
– целосна обнова на фудбалското игралиште,
– уредување на локалитетот „Пешка“,
– изградба на нова капела,
– реновирање на Домот на култура,
– изградба на нови улици и тротоари,
– како и конечно решавање на долгогодишниот проблем со канализацијата и колекторскиот систем.
„Сето тоа – и уште многу повеќе – ќе го направиме заедно со вас. Време е за вистински промени, време е за ново лице на Злетово и Пробиштип“, истакна Тоневски.
Настанот во Злетово, според присутните, поминал во позитивна атмосфера исполнета со енергија и искрени разговори со граѓаните.
„За тебе, за твојот човек, за твоето место, за твојата иднина“ – со овие зборови Тоневски ја заврши средбата, уверувајќи дека вистинскиот избор е промената што ќе донесе развој и нов почеток за општината.