„Тешкаш“ во нафтената индистрија ќе претседава со глобалниот климатски форум КОП 28

3 mins read

Ваквата одлука ги налути активистите кои велат дека тој мора да се откаже од неговата улога во нафтениот бизнис додека претседава со КОП, бидејќи станува збор за очигледен конфликт на интереси

Шефот на една од најголемите светски нафтени компании е именуван од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) да ги води глобалните разговори за климата КОП 28 во Дубаи, оваа година, јавува Би-би-си.

Станува збор за Султан Ахмед Ал Џабер кој во моментов е главен извршен директор на Националната нафтена компанија Абу Даби. Тој, истовремено е и министер за трговија и претставник на домаќините на климатскиот самит КОП 28 – Обединетите Арапски Емирати.

Султан Ахмед Ал Џабер, главен извршен директор на Националната нафтена компанија Абу Даби и министер за трговија и претставник на домаќините на климатскиот самит КОП 28 – Обединетите Арапски Емирати/Фото: Википедија

Ваквата одлука ги налути активистите кои велат дека тој мора да се откаже од неговата улога во нафтениот бизнис додека претседава со КОП, бидејќи станува збор за очигледен конфликт на интереси.

Тие веруваат дека некој кој е навлезен во нафтената индустрија можеби нема да ги натера земјите брзо да го намалат своето производство и употребата на фосилни горива, што според научниците е од клучно значење за избегнување на климатските промени.

КОП 28, како што наведува Би-би-си е веќе заглавен во некои контроверзи бидејќи домаќините, Обединетите Арапски Емирати, се еден од најголемите светски производители на нафта и гас.

Назначувањето на клучна фигура во енергетската индустрија за кандидат за претседател на КОП 28, најверојатно, ќе ја зголеми загриженоста дека процесот на глобалните разговори за климата се соочува со значително влијание од интересите производителите и трговците со фосилни горива.

Неодамнешниот собир КОП 27 во Египет беше опишан од некои од присутните на самитот како „прославен трговски саем за фосилни горива“.

Анализата на учесници на самитот во Египет покажа дека на него присуствувале значително поголем број луѓе поврзани со индустријата за нафта и гас споредено со претходните вакви состаноци.

Меѓу големата делегација од ОАЕ на конференцијата во Шарм ел Шеик имаше 70 луѓе тесно поврзани со фосилните горива.

Султан Ахмет Ал Џабер е главен извршен директор на Националната нафтена компанија Абу Даби, за која се вели дека е 12-та најголема нафтена компанија во светот.

Националната нафтена компанија Абу Даби, која е 12-та најголема нафтена компанија во светот

Во текот на изминатата деценија тој стана заштитно лице на енергетската индустрија на ОАЕ и ќе биде првиот извршен директор на нафтена компанија што ќе ја преземе улогата на претседател на КОП.

Покрај тоа што е министер за индустрија и претставник за климата, тој е и претседател на Масдар, владината компанија за обновливи извори на енергија која беше формирана со негова помош.

Тој, според британскиот национален сервис долго време предупредува за опасностите од климатските промени, но активистите се загрижени за неговото назначување и го повикуваат да се повлече од неговите улоги во индустријата.

„Императив е светот да се увери дека тој ќе се повлече од функцијата извршен директор на Националната нафтена компанија Абу Даби. Тој не може да претседава со процес кој има задача да се справи со климатската криза со таков конфликт на интереси, на чело на индустријата која е одговорна за самата криза“,

вели Таснем Есоп, од Клајмт Екшн Интернешенл (Climate Action International).

Она што ги загрижува учесниците во кампањата е дека главните производители на нафта и гас се меѓу оние кои се противат на побрзо исфрлање фосилните горива од употреба.

На КОП 27 во Египет, имаше силен притисок од повеќе од 80 земји учеснички кои бараа поддршка за етапно укинување на нафтата и гасот, како и јагленот.

Додека назначувањето на Ал Џабер наидува на критики од активисти, други вклучени во климатската дипломатија го поздравија потегот.

„ОАЕ усвоија здрава стратегија за зелен раст и се главен инвеститор во обновливите извори на енергија и дома и во странство. Назначениот претседател на КОП беше од суштинско значење за многу од овие прашања. Ова може да придонесе со разбирање, искуство и одговорност да го направи КОП 28 амбициозен, иновативен и насочен кон иднината “,

вели Иво де Бур, кој беше шеф на ОН за климата помеѓу 2006 и 2010 година.

Секако тие вештини ќе бидат тестирани на собирот во Дубаи на почетокот на декември оваа година.

КОП 28 треба да ја направи првата формална проценка на напредокот во намалувањето на емисијата на јаглерод од потпишувањето на Парискиот договор.

„Глобалниот преглед“, како што се нарекува, ќе биде клучен момент за да се разјасни колку  земјите се подготвени и треба да направат во ограничувањето на нивните емисии на јаглерод.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

21-годишник уапсен во Центар за дрога

Следно

Мицкоски: Охрид ги чувствува промените, ќе започне изградбата на плоштадот „Крушевска Република“, капитален проект вреден 47 милиони денари

Latest from Blog