Спортот и спортската дипломатија за првпат се вклучени како посебен постулат во Предлог–текстот на Националната стратегија за соработка со дијаспората 2026–2030, кој денеска беше презентиран на јавната дебата во Владата. Во рамките на понатамошниот инклузивен процес, Стратегијата ќе биде објавена и на Националниот регистар на прописи – ЕНЕР.
Носител на процесот за изработка на Стратегијата е Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во соработка со ресорните министерства, меѓу кои и Министерството за спорт, и други институции надлежни за областите опфатени во соработката со дијаспората.
Националната стратегија има за цел да ги зајакне врските меѓу матичната држава и македонските граѓани во странство, со акцент на пет клучни области: конзуларни и социјални услуги, култура и туризам, образование и зачувување на мајчиниот јазик, спорт и спортска дипломатија, како и економија, инвестиции и надворешна трговија.
Вклучувањето на спортот како посебен постулат е резултат на анализите и анкетите спроведени од Министерството за спорт, кои покажаа јасна потреба од зајакнување на спортската соработка со дијаспората, подобар трансфер на знаење и зголемена промоција на македонскиот спорт во странство.
Спортската дипломатија, како современ елемент на јавната дипломатија, е препознаена како алатка за унапредување на меѓународната соработка, промовирање на националните вредности, поттикнување мир, толеранција и меѓусебно разбирање. Спортот, како универзален јазик, претставува значајна можност младите од дијаспората да ја зајакнат врската со матичната земја и да придонесат кон нејзината меѓународна видливост.
Во рамките на Стратегијата, планирани се повеќе конкретни мерки и активности:
-воспоставување систем за идентификација и евиденција на спортскиот потенцијал од дијаспората
-поттикнување трансфер на знаење и искуство во домашниот спортски систем
-промоција и застапување на македонскиот спорт во странство
-вклучување спортисти од дијаспората во национални тимови и програми
-формирање Национален совет за спортска дијаспора
-назначување спортски амбасадори од редовите на дијаспората
-организирање промотивни активности и настани предводени од спортските амбасадори
-подобрено вмрежување, чувство на припадност и меѓународен углед на македонскиот спорт.
Со овие мерки, спортот станува значаен столб во новата Национална стратегија за соработка со дијаспората 2026-2030, со цел јакнење на врските со македонските граѓани низ светот и унапредување на меѓународната позиција на македонскиот спорт.

