Ахмед ал-Ахмед, 43-годишен продавач на овошје со сириско потекло, стана национален херој откако храбро интервенирал за време на смртоносната престрелка на плажата Бонди минатата недела. Додека се опоравува од тешки повреди во болница, илјадници луѓе му изразија поддршка преку донации кои надминаа 2,5 милиони долари, пишува Unilad.
Во еден од најмрачните моменти во поновата австралиска историја, пред четири дена двајца вооружени напаѓачи отвориле оган на преполната плажа Бонди во Сиднеј. Ахмед реагирал без двоумење и успеал да совлада и разоружа еден од напаѓачите, а многумина веруваат дека со тој чин спасил безброј животи. Во нападот биле убиени 15 лица, како и еден од напаѓачите, 50-годишниот Саџид Акрам. За време на својата херојска акција, Ахмед бил погоден двапати.
Снимката од неговиот храбар чин брзо стана вирална, што доведе до покренување GoFundMe кампања преку која беа собрани повеќе од 42.000 донации. Неговиот адвокат Сем Иса денеска за Австралиската радиодифузна корпорација (ABC) информираше за здравствената состојба на Ахмед.
Ахмед се обрати од болничкиот кревет
Тој потврди дека Ахмед бил подложен на „многу сложена операција“ поради „оштетување на нервите“ и дека „денес, разбирливо, трпи голема болка“. Додаде дека овој татко на две деца се подготвува за уште една, осумчасовна операција што го очекува следниот ден.
Претходно оваа недела, Ахмед за првпат ѝ се обрати на јавноста од својот болнички кревет. Во снимката објавена од турската јавна телевизија TRT World, тој зборуваше на арапски јазик. „Ги ценам напорите на сите. Нека ве награди Алах и нека ви подари благосостојба.
Ако даде Бог, ќе ви се вратиме со радост. Ви благодарам за вашите напори. Поминав низ многу тешка фаза, само Алах го знае тоа… Ја молам мајка ми, зеницата на моето око, да се моли за мене“, порача тој. Ахмед во болница го посетиле и највисоките австралиски функционери.
„Многу сте силни. Вашето срце е силно. Вашата храброст е инспиративна“, му порачал премиерот Ентони Албаниз. Го посетил и премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс.
„Ова е најневеројатната сцена што сум ја видел. Човек кој му приоѓа на вооружен напаѓач што пукал врз заедницата и сам го разоружува, ризикувајќи го сопствениот живот за да спаси безброј други животи. Тој човек е вистински херој. Не се сомневам дека многу, многу луѓе вечерва се живи благодарение на неговата храброст“, изјавил тој.
Во меѓувреме, полицијата подигнала обвинение против преживеаниот осомничен, 24-годишниот Навид Акрам. Тој се товари за 59 кривични дела, меѓу кои 15 точки за убиство, извршување терористички чин, 40 точки за нанесување тешки телесни повреди со намера за убиство, како и за поставување експлозив и јавно истакнување симболи на забранета терористичка организација.
Извор: tv21


