„Сите за МКЦ“ преку јавно писмо бара враќање на програмскиот буџет и спроведување на конкурс за директор

2 mins read

Движењето „Сите за МКЦ“ објави јавно писмо со барања во врска со Младинскиот културен центар, наведувајќи дека целта на акцијата е да се покаже континуираното незадволство со одлуките на Град Скопје, како и континуираната подршка за МКЦ од страна на граѓаните. Дополнително, движењето информира дека доставени се две петиции за МКЦ во Архивата на Град Скопје – една физичка петиција со преку 1.500 потписи, чии потписи беа собрани на концертниот собир пред МКЦ на 22 јануари, и онлајн-петиција со преку 5.000 потписи. Барањата на петицијата и писмото се исти како и од почетокот на движењето за МКЦ: да се врати програмскиот буџет на МКЦ на нивото на кое бил со години и да има регуларен конкурс за директор на МКЦ.

Во прилог следува писмото:

Почитувани советници на Советот на Град Скопје,

Ви пишувам како еден од многуте граѓани кои се загрижени за скорешните одлуки на Советот на Град Скопје поврзани со Младинскиот културен центар (МКЦ).

Имено, кратењето на програмскиот буџет на МКЦ за 92% е крајно неприфатливо и сериозно ја загрозува способноста на МКЦ да ги одржува мноштвото културни настани кои редовно ги одржува години наназад, како фестивалите Здраво Млади, Млад отворен театар и „Синедејс“.

Дополнително, поставувањето на в.д. директор кој не е од сферата на културата и не е од редот на вработените на МКЦ е крајно нерегуларно и повторно ја загрозува способноста на МКЦ да функционира со полна пареа како што функционирало со години.

МКЦ е дом на голем број уметници, музичари, актери, филмски и културни работници и уште многу наши сограѓани кои редовно ги посетуваат настаните во оваа институција. Тој има 50-годишна традиција и во 2022 година ја доби наградата „13 Ноември“ за особени достигнувања во културата. За жал, МКЦ остана речиси единствениот простор и јавна установа која автентично ја поддржува младинската култура.

Бараме од вас советниците да застанете на страната на културата и младите. Ви пишуваме во име на многу засегнати граѓани, како што е евидентно од двете петиции доставени до Архивата на Град Скопје – една физичка петиција со преку 1.000 потписи, собрани на концертниот собир одржан пред МКЦ на 22.01.2023 за подршка на МКЦ, како и онлајн петиција со преку 5.000 потписи.

Нашите барања остануваат исти како во петициите:

1. Да се врати програмскиот буџет на Младинскиот Културен Центар (МКЦ) на истото ниво на кое бил финансиран досега со години наназад.

Невозможно е МКЦ да продолжи да функционира и да организира настани со истиот капацитет доколку буџетот на оваа институција е намален за поразителни 92%. Бараме итно да се врати буџетот на МКЦ (без Кино Милениум) на 25 милиони денари. Ова би се постигнало преку механизмите на прераспределба на средства од буџетска ставка и ребаланс на буџетот.

2. Да се спроведе фер и коректен конкурс за избор на директор, на кој ќе се избере најквалитетниот професионален профил кој ќе се пријави.

Според член 31 на статутот на МКЦ, секој кандидат за в.д. директор мора да е компетентен и квалификуван кадар одбран исклучиво од редот на вработените во институцијата. Никола Алексов, дипломираниот детектив кој е моменталниот в.д. директор на МКЦ, не бил примен во МКЦ преку регуларен конкурс, туку два дена претходно преку Агенцијата за привремени вработувања. Дополнително, тој нема никакво искуство и позадина во културна институција.

Младинскиот културен центар досега овозможуваше богата програма по пристапна цена. Без да биде адекватно финансиран од јавните средства и управуван од компетентен кадар, културата ќе станува сè помалку достапна за граѓаните во време кога културата нуди ретка можност за оддишка и рефлексија.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ИЗВОР: republika.mk

Претходно

Претседателот Пендаровски во посета на Штип и Свети Николе

Следно

Г7: Ќе продолжиме да воведуваме економски санкции кон Русија

Latest from Blog