Шпанската полиција во саботата соопшти дека разбила криминална група која користела хеликоптери за шверц на хашиш од Мароко.
Хеликоптерите, кои можеле да носат помеѓу 500 и 900 килограми дрога, прелетале преку Медитеранот до јужна Шпанија, од каде што хашишот потоа бил транспортиран по пат до други делови од Европа, изјави портпаролот на Цивилната гарда, Гонзало Лопез, според Ројтерс.
За време на рациите во провинциите Малага, Алмерија и Мурсија, полицијата запленила хеликоптер во изолиран магацин, како и 657 килограми хашиш, пет огнено оружје, пари и возила.
Шест лица беа уапсени во операцијата, во која учествуваа и полициски сили од Мароко, Белгија и Шведска.
„Хеликоптерите ретко се користат за шверц на дрога, но криминалните групи повремено одлучуваат да го сторат тоа. Треба да се има предвид дека хеликоптерите се лесни за откривање и тешко се набавуваат на црниот пазар“, изјави полициски извор.
Порано оваа година, шпанската полиција разби криминални групи кои користеле беспилотни летала за транспорт на дрога од Мароко до Шпанија.
Поради својата географска локација, Шпанија е клучна влезна точка за хашиш во Европа, главно од Мароко, како и за кокаин шверцуван од Латинска Америка.
Хашишот најчесто се шверцува по море, понекогаш со моторни чамци.
Шестмина осомничени беа приведени под сомнение за трговија со дрога, членство во криминална организација и нелегално поседување огнено оружје.
Цивилната гарда не соопшти кога е спроведена операцијата, наречена „Хиро“.
Извор: tv21


