Пејачката Џејла Рамовиќ се огласи по инцидентот во Кичево, каде што беше приведена заедно со нејзиниот бенд поради наводен настап без работна дозвола, и објави дека веќе во петок се враќа во Скопје на нов настап.
Рамовиќ во својата изјава тврди дека целата документација за настапот била уредна и дека проблемот настанал по вина на организаторот, поради што полицијата ја прекинала вечерта неколку минути пред крајот. Таа им се извини на присутните што дошле да ја слушаат и нагласи дека ситуацијата била надвор од нејзина контрола.
– Сакам да нагласам дека од моја страна и од страна на мојот бенд, сите потребни документи и дозволи за настапот во Кичево беа правилно подготвени и доставени до организаторот, со целосната постапка што редовно ја следиме кога доаѓаме во Македонија – вели Рамовиќ.
Таа додава дека организаторот ја уверил дека ги добил сите преостанати дозволи и дејствувал согласно договорот.
– И покрај ова, настапот беше прекинат неколку минути пред крајот, наводно поради недостаток на работни дозволи, иако нашата документација беше целосно во ред. Жал ми е за непријатностите што ги доживеаја сите што дојдоа на мојот настап. Ситуацијата се појави од причини на кои не можев да влијаам на никаков начин, ниту пак е вина на мојот тим и мене – изјави пејачката.
Рамовиќ повтори дека инцидентот нема да влијае на нејзината врска со македонската публика.
– Македонија е земја што многу ја сакам и секогаш сакам да се враќам. Исто ќе биде и сега, бидејќи веќе се дружиме во петок во Скопје – порача таа.
Инцидентот се случил во ноќта меѓу 29 и 30 ноември, кога полициски службеници од ОВР Кичево и РЦГР Запад влегле во угостителски објект каде настапувала Рамовиќ.
При контролата било утврдено дека таа и нејзиниот бенд настапуваат без потребната работна дозвола, по што биле приведени за натамошна постапка.
„Во објектот биле затекнати пејачката Џејла Рамовиќ (23) и нејзиниот бенд – К.Џ. (27), Е.П. (25), Ф.Ј. (28) и И.К. (24), сите државјани на Босна и Херцеговина. Според полицијата, групата работела без обезбедена работна дозвола, што претставува прекршок според Законот за странци“, информираат од СВР Охрид.
Случајот е пријавен до Основниот суд во Кичево, а против уметниците е поднесена прекршочна пријава.
Извор: vecer.mk


