Русија ги обвини САД за провокација по инцидентот со американскиот дрон над Црното Море

2 mins read

Сметаме дека секоја акција во која се користи американско оружје е отворено непријателска.Тие не испровоцираа да преземеме одредена акција, што ќе им овозможи да ја обвинат Русија и руската војска дека се непрофесионални, вели рускиот амбасадор во САД

Фото: Анатолиј Антонов, амбасадор на Русија во САД

Еден ден по инцидентот над Црното Море, Русија ги повика САД да ги прекинат „непријателските летови“, пренесува АФП.

„Сметаме дека секоја акција во која се користи американско оружје е отворено непријателска. Тие не испровоцираа да преземеме одредена акција, што ќе им овозможи да ја обвинат Русија и руската војска дека се непрофесионални“,

рече рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов одговарајќи на прашање на државната руска новинска агенција ТАСС.

Тој потврди дека руските борбени авиони не користеле оружје против американскиот дрон.

„Би сакал да нагласам дека руските пилоти делуваа на многу професионален начин. Немаше никаков контакт, ниту употреба на оружје од страна на нашите борбени авиони“,

додаде Антонов.

Антонов вели дека дронот летал со исклучени транспондери и влегол во зоната на специјалната воена операција.

„Информациите за зоната беа јавно објавени преку меѓународни канали. Ние, Русија, ги предупредивме сите за тоа. Мислам дека ова беше вистинска провокација“,

изјави тој за новинарите по консултациите во американскиот Стејт департмент, каде што дипломатот беше поканет поради инцидентот.

Гардијан утрово пренесува дека Антонов за државната руска новинска агенција Тасс изјавил дека се загрижени поради неприфатливата активност на американската војска во непосредна близина на руските граници.

„Добро ни е познато за која цел се користат вакви беспилотни извидувачки и ударни летала. Што прават илјадници километри од САД? Одговорот е очигледен: тие собираат разузнавачки информации, кои последователно ги користи киевскиот режим за да ги нападне нашите вооружени сили и територија. Да си поставиме реторичко прашање: ако, на пример, руски ударен дрон се појави во близина на Њујорк или Сан Франциско, каква би била реакцијата на американските воздухопловни сили и морнарицата? Сигурен сум дека акциите на американската војска би биле бескомпромисни по природа, не дозволувајќи „пробив“ на нејзиниот воздушен или поморски простор. Претпоставуваме дека САД ќе се воздржат од дополнителни шпекулации во медиумскиот простор и ќе престанат да летаат во близина на руските граници“,

е дел од изјавата на Антонов.

Претходно, руското Министерство за одбрана соопшти дека руските системи за контрола на воздушниот простор во вторникот откриле американско беспилотно летало „MQ-9“ кое летало над Црното Море во близина на државната граница на Руската Федерација.

Министерството додаде дека како резултат на брзо маневрирање, дронот почнал да ја губи висината и се урнал во морето. Министерството нагласи дека руските авиони не користеле оружје и не дошле во контакт со беспилотното летало и безбедно се вратиле на матичниот аеродром.

И британскиот министер за одбрана Бен Валас, реагирајќи на инцидентот над Црното Море, ја повика Москва да го почитува меѓународниот воздушен простор.

„Клучната работа овде е дека сите вклучени страни треба да го почитуваат меѓународниот воздушен простор и ги повикуваме Русите да го сторат тоа“,

изјави Валас за Ројтерс.

Вчера американско беспилотно летало се судри над Црно Море со руски борбени авиони „Су-27“. Пентагон тврдеше дека станува збор за „рутински лет“, додека Русија го нарече инцидентот „провокација“.

Инцидентот се случи вчера во 19:03 часот, кога, според американската војска, два руски авиона „Су-27“ се обиделе да го пресретнат дронот кој бил на рутинска мисија во меѓународниот воздушен простор.

„Пред судирот, руските авиони неколкупати испуштиле гориво врз дронот на несовесен, нееколошки и непрофесионален начин. Еден авион притоа го допре пропелерот на дронот, кој потоа се урна во Црното Море“,

соопшти американската војска.

Ова беше прв физички контакт меѓу руски борбен авион и американски воен дрон од почетокот на војната во Украина пред повеќе од една година.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Студентите најавија протести и блокади низ Скопје

Следно

Стојаноски: Обвинителите треба да се постапат веднаш по аферата поврзана со надзор на изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10Д – во спротивно ќе треба да објаснат зошто молчеле за скандалите поврзани со Груби и Ковачевски

Latest from Blog