Министерот за спорт Борко Ристовски и заменичката на министерот, Сафије Садики Шаини, денеска извршија увид на фудбалското игралиште што се наоѓа во склоп на стадионот на ФК Башкими во Куманово, на кое во наредниот период ќе започне комплетна реконструкција.

Реконструкцијата на ова игралиште е дел од програмата на Министерството за спорт за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура низ целата држава. Со реализацијата на овој проект ќе се обезбедат современи услови за тренинг, натпревари и рекреација на сите спортисти и жители на Куманово.

-Ова игралиште има особено значење за локалната заедница, бидејќи секојдневно го користат многу млади за спортски активности. Со новата реконструкција, ќе обезбедиме подобри услови и безбедна спортска средина за сите кои го користат овој простор – изјави министерот Ристовски.
Министерството за спорт преку реализација на овие проекти останува посветено на унапредување на спортската инфраструктура во сите региони на државата, со цел создавање современи услови за спорт и физичка активност на граѓаните, особено на младата популација и на заложбата спортот да биде достапен за сите, во секој град и во секоја општина.