Отпочнување на изградбата на две нови спортски сали и реконструкција на спортската сала во комплексот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се три големи проекти што ќе ги спроведе Министерството за спорт до крајот на годината, најави министерот Борко Ристовски на денешното гостување во емисијата „Студио 10“ на ТВ 24.
Ристовски посочи дека тоа се три големи проекти со кои се заокружува годината во која новоформираното Министерството за спорт има забележителни резултати особено во делот на изградба и реконструкција на спортската инфраструктура низ целата држава од која во иднина ќе има повеќекратен бенефит за македонскиот спорт.
-Реконструкцијата на спортската сала во комплексот на УКИМ е многу важна и за образованието и за спортот, бидејќи оваа сала веќе десетина години стои неупотреблива, како вистинска руина. По комплетната реконструција на салата, над 4.000 студенти ќе може да се бават со спорт и да ги реализираат часовите по физичка образование во современ и безбеден спортски објект – рече Ристовски.
До крајот на годината Министерството за спорт ќе ги постави темелите и ќе почне со изградбата и на нова спортска сала во населба Аеродром (кај ФФМ) во Скопје и на нова спортска сала во Крушево со која градот во иднина треба да прерасне во регионален спортски центар за подготовки.
-Направивме истражувања кои покажаа дека националните спортски федерации што ги носат репрезентациите на подготовки трошат над 1 милион евра годишно надвор од нашата држава. Кога ќе направиме идеална спортска сала во Крушево, во близина на спортски хотел, планина, овде блиску во Македонија, поголем дел од тие средства ќе останат во државата, наместо да се трошат за подготовки во странство. Крушево ќе прерасне во еден регионален спортски центар за подготовки не само на македонските репрезентации и екипи, туку и за тимови од државите во регионот – истакна министерот Борко Ристовски.
Во рамките на предвидените проекти на Министерството за спорт, Ристовски соопшти дека во изминатите 15 месеци се изградени и реконструирани над 40 мултифункционални спортски центри низ целата држава со основна заложба за рамномерна регионална распределба и спорт достапен за сите. До крајот на годината успешно ќе биде завршен и проектот за изградба на шест базени кои беа почнати и оставени недовршени од поранешната Агенција за млади и спорт и тие ќе бидат предадени на општините.


