Реакција на комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ: ДВОЈНОТО ФИНАНСИРАЊЕ, ПРИЧИНА ЗА ПСИХОЛОШКИ ПРИТИСОК ВРЗ КОМИСИИТЕ НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА -МАКИЈАВЕЛИЗМОТ ВО КРЕИРАЊЕТО НА КУЛТУРНАТА ПОЛИТИКА-

2 mins read

Иако никогаш не дознавме што точно се финансира под ставката „Интердисциплинарни проекти“, интересно е дека буџетот на оваа програма постојано се зголемува. 20.000.000 денари од Годишната програма за 2023 година на Министерството за култура ќе бидат доделени на здруженија на граѓани и физички лица за т.н. интердисциплинарни проекти. Токму во годината кога буџетот за култура е намален за околу 50% од програмските средства, интердисциплинарните проекти добиваат рекордна поддршка во споредба со 2021 година, кога беа доделени околу 14.000.000 денари или, пак, во 2022 година, кога за овие проекти беа издвоени околу 18.000.000 денари, се вели во Фејесбук статусот на Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ.

-Она што најмногу загрижува е продолжувањето на практиката на двојно финасирање проекти и здруженија кои ги водат истите луѓе, главно, од редот на т.н. „независна“ сцена, која се покажа како мошне зависна од парите на ова министерство. Тие се таа перјаница на Шарената револуција која се збрала во оваа програма самонарекувајќи се како „прекарни“. Освен малкуте инклузивни проекти за лицата со посебни потреби, што е за поздрав и почит, вниманието го привлекуваат бројните проекти од филмската дејност на кои местото не им е овде, а за кои од оваа програма ќе бидат издвоени нешто повеќе од 3.000.000 денари. Почитувана министерке, зарем никој од блиското опкружување не Ви кажа во Вашето министерување дека финасирањето на филмската дејност, каде што спаѓаат домашните филмските фестивали и други манифестации, од 2014 година е уредено со Законот за филмска дејност? Зарем навистина не знаевте дека Агенцијата за филм е надлежна за распределба на средства во оваа дејност, па затоа секоја година се распишува Конкурс за финансирање проекти од национален интерес во филмската дејност – организирање домашни фестивали и други филмски манифестации од меѓународен карактер? Поддржаните проекти во програмата за интердисциплинарна дејност, а кои се дел од филмската дејност, се надвор од Вашите надлежности и вчудоневидува „храброста“ со која Министерството за култура презема обврски и врши т.н двојно финансирање на проекти, со што го оштетува буџетот на државата, бидејќи истите тие проекти истовремено се финансираат и од Агенцијата за филм (програма 31 во рамките на Министерството). Со ваквиот начин на финансирање се крши еден од фундаменталните принципи, како на домашното така и на европското законодавство, кое вели… дека трошоци за иста активност не може да се финансираат двапати од буџетот на даночните обврзници! Врз основа на која законска регулатива Комисијата донела одлука да ги поддржи филмските фестивали како: Меѓународниот фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“ со 900.000 денари, Филозофски филмски фестивал со 395.108 денари, Фестивалот на краток филм „Drim Short 2023“ со 337.846 денари, Фестивалот на нов европски филм BEACH FILM FESTIVAL со 303.489 денари, Фестивалот за нем и класичен филм со 303.489 денари, „КарСинема“ со 199.679 денари, Ехо Фестивалот за планински филм со 149.234 денари итн.? Која е оправданоста во Годишната програма за 2023 година на Министерството за култура да се финасира проект на филмската продуцентска куќа Скопје филм студио со 395.108 денари? Видовте ли дека станува збор за филмски форум замислен како тридневна асамблеја на челниците на филмските центри од регионот со филмски продуценти, автори и останати чинители во процесот на создавање филмови и други аудиовизуелни дела? Само за потсетување, истиот проект минатата година се реализираше во рамките на филмската манифестација „Златна рамка“, која од страна на Агенцијата за филм беше поддржана со рекордни 2.600.000 денари, а во организација на вашето милениче, Друштвото на филмски работници – ДФРМ. Во низата амбиции кон интердсциплинарните проекти се приклучува и директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ со проектот „Мисирков отпосле“, за кој побарува околу 2.000.000 денари без да се назначи распределбата на трошоците – проект кој административно не би смеел да пристигне до Комисијата, камо ли да добие 303.489 денари! А, можеби и ова не го знаевте?! Ваквото незаконско, двојно финасирање проекти, особено од филмската дејност, испишува уште една од многуте страници со бројни неправилности и скандалозни одлуки на комисиите кои одлучуваа годинава кои проекти да бидат поддржани, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Се потврдуваат низата неофицијални информации дека оваа програма е донесена под невидено силни притисоци од Ваша страна кон дел од членовите на комисиите во Министерството. Веќе станува дискутабилно дали воопшто програмите се легитимни и дали се прифатени и уредно потпишани од страна на претседателите и членовите на комисиите по дејности или Вие едноставно безмерно го злоупотребувате дискреционото право како министерка? Оваа буџетска линија, именувана како интердисциплинарната дејност, е всушност параванот за вашиот колективен безмилосен хедонизам! Оставка веднаш! Порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

ИЗВОР: kurir.mk

Претходно

Курти му потврди на Шоле дека го прифаќа европскиот план за Косово

Следно

ПОЧИНА ЛЕГЕНДАРНИОТ СЛОВАЧКИ РЕЖИСЕР ЈУРАЈ ЈАКУБИСКО

Latest from Blog