Расте отпорот против измените на законите за коридорите 8 и 10-д, утре протест на заштитниците на културното наследство

4 mins read

Од Македонското археолошко друштво и ИКОМОС, за утре во 10 часот во паркот „Жена борец“, спроти Собранието, најавија дека ќе одржат мирен собир и ќе го искажат својот револт од предлогот на група пратеници за измени во Законот за заштита на културното наследство кој е во собраниска процедура по скратена постапка

Пратениците утре ќе расправаат и за предлог-измени и дополнувања на законите за земјоделско земјиште, експропријација, урбанистичко планирање, заштита на културно наследство, минерални суровини, работни односи, шуми, градење, како и за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10-д. Предлог-измените и дополнувањата на законите, предложени од група пратеници од партиите од мнозинството, се поврзани со изградбата на автопати од коридорите 8 и 10-д

Македонското археолошко друштво (МАД) и Националниот комитет на Меѓународниот совет за споменици и локалитети-ИКОМОС најавија мирен собир за утре во 10 часот во паркот „Жена борец“, спроти Собранието, од каде ќе го искажат својот револт од предлогот на група пратеници за измени во Законот за заштита на културното наследство кој е во собраниска процедура по скратена постапка. Од Македонското археолошко друштво и ИКОМОС упатија апел на протестот да им се приклучат претставници од Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство, установите за заштита, како и сите засегнати граѓани.

Од МАД и ИКОМОС сметаат дека предложените измени и дополнувања се на штета на културното наследство и истите се направени без консултации и вклучување на стручната и научната јавност чија професионална дејност е да го истражува и заштитува културното наследство, согласно Уставот и релевантните закони.

Од Македонското археолошко друштво вчера го повикаа пратеникот Арбер Адеми, како овластен предлагач, и останатите пратениците предлагачи итно да го повлечат предложеното дополнување на Законот, а Владата да не дозволи заради бизнис интересите на одредени политички дисиденти да биде инвеститор во уништувањето на заедничкото културно наследство кое треба да го оставиме на идните генерации. Од Македонско археолошко друштво  апелираат до пратениците во Собранието да ја разбудат својата свест и совест, да го спречат донесувањето на криминални и штетни измени во Законот за заштита на културното наследство.

Освен за Законот за заштита на културно наследство, пратениците ќе треба да се изјаснат и за предлог-измени и дополнувања на законите за земјоделско земјиште, експропријација, урбанистичко планирање, минерални суровини, работни односи, шуми, градење, како и за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10-д.

Предлог-измените и дополнувањата на законите, предложени од пратеници од партиите од мнозинството, се поврзани со изградбата на автопати од коридорите 8 и 10-д.

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, денеска побараа од претседателот на Собранието, Талат Џафери и пратениците да го повлечат дневниот ред на утрешната седница во парламентот на кој треба да се најдат девет предлог-измени на закони поврзани со Коридорите 8 и 10-д.

„Пратениците имаат обврска да овозможат должна дискусија, и да повикаат стручни лица и засегнати страни на расправа при носење на закони и измени на закони. Ова е особено важно при носење на одлуки кои по својата природа се сложени и дерогираат или овозможуваат исклучоци при спроведување на општите закони. Исто така, овие одредби сериозно ги нарушуваат и индивидуалните права на сопственост загарантирани со Уставот“,

се вели во реакцијата од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.

Од партијата Левица денеска преку соопштение реагираа за измените на овие закони кои утре ќе бидат пред пратениците.

„Измените на овие закони воопшто не се наивни и не само што со нив се кршат низа други законски и уставни одредби, истите се на штета на граѓаните на Република Македонија. Еден од законите кој што ќе претрпи измена е Законот за пренамена на земјоделско земјиште, каде, за потребите на ‘Бехтел и Енка’, се предлага пренамената на земјоделско во градежно земјиште да се врши само врз основа на еден член од законот – значи со законска одредба, без притоа да се бараат било какви дозволи или одобренија од државни органи или институции. Ова важи како за државно, така и за приватно земјиште“,

велат од Левица.

Оттаму реагираат и за Законот за експропријација, за кој велат дека оштетени ќе бидат сите граѓани на кои ќе им се одземе недвижност за изградба на коридорите.

„За потребите на ‘Бехтел и Енка’ ќе се менуваат и Законот за урбанистичко планирање, Законот за културно наследство и Законот за минерални суровини. Со ваквото менување на закони по скратена постапка за потребите на приватно профитабилно правно лице, а на штета на граѓаните на Република Македонија, Владата на СДСМ и ДУИ уште еднаш докажа дека единствено се грижат за потребите на нивните стратешки партнери преку кои си ги полнат своите џебови крадејќи од сопствениот народ“,

велат од Левица.

За измените на Законот за заштита на културно наследство, кој утре треба да се најде пред пратениците, вчера реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде рекоа дека Владата на ДУИ-СДС предлага скандалозна измена на Законот за заштита на културното наследство по итна постапка со цел што побрза реализација на Коридорот 8 на Артан Груби.

Власта, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ, повикувајќи се на јавниот интерес, прави обид културното наследство да го претстави како нечиј личен интерес, а не темел на државноста. При идните градежни активности, со предлог-измените на Законот се предвидува надлежната установа за заштита да биде едноставно премостена и потенцијалните археолошки откритија да бидат пријавувани кај надзорниот инженер на Коридорот 8, без да се нагласи за каков инженер се работи. Тој, надзорниот инженер, ќе стане фактор кој ќе ги обезбедува археолошките наоди и ќе ги зачува местото и состојбата во кои тие се најдени, додаваат од партијата.

Освен за измените на овој закон, од ВМРО-ДПМНЕ досега нема реакција за другите осум, со кои, исто така, се суспендираат некои актуелни или се воспоставуваат нови многу пофлексибилни правила што ќе важат за „Бехтел и Енка”.

Сојузот на синдикати на Македонија, пак вчера, излезе со реакција за предложените законски измени поврзани со изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10 -д, а кои в понеделник треба да се најдат на собраниска седница и да се усвојат по скратена постапка.

Од ССМ ги повикаа пратениците сериозно да размислат пред да го дадат својот глас за, како што наведуваат, катастрофалните предлози за измени на закони по работничките права. 

Според нив, Владата продолжува со намерата докрај да ги понижи македонските работници, да им го одземе достоинството и да ги направи робови во сопствената држава за сметка и интерес на странски компании и корпорации. На тој начин, додаваат од ССМ, не само што ќе ги одлее парите на македонските работниците и граѓани кои се даночни обврзници во странски компании, туку сака и да им овозможи на овие компании, како „Бехтел и Енка“, да ги преработат, преморат и изнемоштат работниците кои очигледно треба да им бидат не само робови туку и роботи.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, минатата недела, за утре закажа итна седница на чиј дневен ред се предлог-закони на девет закони поврзани со коридорите 8 и 10-д. Станува збор за предлог-измени и дополнувања на законите:

  • за земјоделско земјиште;
  • за експропријација;
  • за заштита на културното наследство;
  • за урбанистичко планирање;
  • за минерални суровини;
  • за работни односи;
  • за шумите;
  • за градење како и на
  • за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10-д.

Сите измени се поврзани со изградбата на автопатските делници од споменатите коридори кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Предлагачи на измените и дополнувањата по скратена постапка се пратеници од СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Четворица планинари загинаа во лавина на француските Алпи

Следно

Осум лица се водат за исчезнати по уривањето на три згради во Марсеј

Latest from Blog