Путин: Тие ја започнаа војната, а ние употребивме сила за да ја запреме, Русија сака да го реши конфликтот во Украина по мирен пат

3 mins read

Путин го обвини Западот за почетокот на конфликтот во Украина, велејќи дека западните земји, на чело со САД, бараат „неограничена моќ“ во светските работи. Рускиот претседател, исто така, рече дека Москва им пркоси на обидите на Западот да ја уништи руската економија со невиден пакет санкции, додавајќи дека за Западот се во прашање милијарди долари, но дека приходите на Русија не пресушиле

Русија сака да го реши конфликтот во Украина по мирен пат, но западните земји подготвија различно сценарио зад нашиот грб. Западните лидери кои наводно сакаа мир во Донбас, тоа беа лаги. Тие ги затворија очите пред политичките убиства на режимот во Киев и на насилството врз религијата и терористичките напади во Донбас. Пред специјалната воена операција, Киев преговараше за испорака на тешка воена опрема, противвоздушна одбрана, авиони и нуклеарно оружје, посочи рускиот претседател Владимир Путин во денешниот говор пред претставниците на руската Дума.

Тој, исто така, додаде дека Западот „цинично го измамил својот народ“.

САД бараат „неограничена моќ“

Рускиот претседател одржува говор во Думата за да ја даде својата анализа за меѓународната ситуација и неговата оценка за, како што вели, „специјалната воена операција“.

Путин го обвини Западот за почетокот на конфликтот во Украина, велејќи дека западните земји, на чело со САД, бараат „неограничена моќ“ во светските работи.

Рускиот претседател, исто така, рече дека Москва им пркоси на обидите на Западот да ја уништи руската економија со невиден пакет санкции, додавајќи дека за Западот се во прашање милијарди долари, но дека приходите на Русија не пресушиле.

Русија „ќе ја продолжи офанзивата“

Путин го предупреди Западот да не обезбеди дополнителна воена помош за Украина, велејќи дека таквата поддршка ќе предизвика воен одговор од Москва.

„Една околност секој мора да ја разбере… Колку повеќе оружје со долг дострел пристигнува во Украина од Запад, толку повеќе ќе треба да ја истераме заканата од нашите граници, тоа е природно“,

рече тој.

Рускиот претседател вети дека „систематски“ ќе ја продолжи офанзивата на Москва во Украина.

Опкружен со четири руски тробојни знамиња од двете страни, Путин ѝ порача на руската политичка и воена елита дека Москва „внимателно и доследно ќе ги решава задачите со кои се соочуваме“.

„Тие ја започнаа војната“

„На крајот на 2021 година официјално побаравме безбедност од САД и Европа, но бевме одбиени. Заканата растеше и до февруари 2022 година сè беше подготвено за воени акции во Донбас. Сето ова беше спротивно на документите прифатени од Советот за безбедност на ОН. Сакам да повторам – тие ја започнаа војната, а ние употребивме сила за да ја запреме“,

рече Путин.

На неодамнешната безбедносна конференција, Русија беше нападната и беше заборавено дека во последните 10 години Западот поттикнува конфликти, додаде тој.

„Околу 900 000 луѓе загинаа, а милиони избегаа во војната од 2021 година. Тие се покриваат со зборовите демократија и вредност, а нивните животи не се важни. Тие сакаат да го одвлечат вниманието од корупцијата во нивните земји и од економските проблеми. Во 1930-тите, западните земји го отворија патот за развој на нацистичка Германија. Сега тоа и го направија на Украина, а секој што ја знае историјата знае дека тоа се протега до 19 век и Австро-унгарската империја, бидејќи се обидуваат да ги прекинат историските врски со нашата земја“,

нагласи Путин.

„Тие го користат самиот ѓавол против Русија“

„Тие го поддржаа антиуставниот пуч во 2014 година, како ништо да не се случило. Идеолошката основа на ова беше русофобијата. Страшно е да се каже дека дел од украинската армија е именуван по нацистичка воена единица. Имаат униформи со знаци на нацистичка Германија. Неонацистите не кријат од кого ги наследиле своите вредности. Моќните замижуваат пред тоа затоа што не им е гајле, тие се обидуваат да се борат со Русија. Тоа значи дека тие ќе користат се, терористи, нацисти и самиот ѓавол како оружје против Русија“,

рече рускиот претседател.

Тие со децении ја уништуваа украинската индустрија, рече Путин, и поради тоа во таа земја растеше сиромаштијата и социјалната нееднаквост.

„Тој народ го претворија во топовско месо. Одговорноста за овој број жртви е на Западот и на режимот во Киев. Тој режим им служи на интересите на странските сили. Украина во моментов е полигон за обука на западните сили. Западните елити не ги кријат своите цели. Тие се обидуваат да ѝ нанесат стратешки пораз на Русија – сакаат локалниот конфликт да го претворат во глобален. Така гледаме и така ќе реагираме. Зборуваме за постоењето на нашата држава. Тие мора да сметаат дека е невозможно да се победи Русија на бојното поле. Затоа ја таргетираат нашата младина и продолжуваат со лаги и извртување на историски факти“,

посочи Путин во своето обраќање до пратениците.

Според него, западните земји одат против руската култура и религија.

„Погледнете што му направија на сопствениот народ, уништуваат семејства, национални идентитети, злоставуваат деца, дури и педофилијата е нормална на запад, признаваат истополови бракови. Добро е, возрасни се, имаат право да живеат како што сакаат. Ние во Русија отсекогаш сме биле толерантни, нема да се мешаме во туѓи животи. Семејството е заедница на маж и жена. Но, дури и религиозните текстови се доведуваат во прашање со цел да се оправда идејата за родово неутрален Бог. Што да се каже за тоа? Наша должност е да ги заштитиме нашите деца од понижување. Западот ќе продолжи да се обидува да го дестабилизира нашето општество. Ќе ги искористат нашите предавници. Тие се обидуваат со терористички напади да го дестабилизираат нашето општество. Киевскиот режим е навикнат на лов на вештерки, нема да ги гониме предавниците, нека живеат со него“,

рече Путин.

Ова е 18-то обраќање на Путин во парламентот. Своето последно обраќање го имаше во април 2021 година.

Се очекува Путин повторно да се кандидира за функцијата во 2024 година по повеќе од 20 години на власт. Уставните промени значат дека 70-годишникот би можел да остане на чело на Кремљ до 2036 година.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Јапонија со итна помош за Украина во вредност од 5,5 милијарди долари

Следно

Традицијата продолжува: Карневал за Прочка во Љубанци

Latest from Blog