Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денеска оствари средба со амбасадорот на Австралија во Република Србија, со акредитација за Република Македонија, Питер Трасвел.
На средбата биле разменети мислења за билатералните односи меѓу двете држави, како и за досегашната соработка меѓу Битола и Австралија.
Коњановски посочил дека Битола и околината традиционално се печалбарски крај, а значаен дел од македонската дијаспора живее токму во Австралија. Оваа поврзаност била една од темите на разговорот со австралискиот амбасадор.
Градоначалникот го запознал Трасвел и со економскиот потенцијал на Битола, како и со условите и можностите што ги нуди општината за реализација на инвестиции.
„Заеднички констатиравме дека имаме добра основа за продолжување и продлабочување на соработката во повеќе области“, наведува Коњановски.
Во рамки на средбата било разговарано и за актуелните случувања во Битола. Амбасадорот посочил дека е импресиониран од фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“, кој во моментов се одржува во градот.

