Имаме голем исчекор за нашата медицина воопшто, за нашата офталмологија и за нашата трансплантологија. Со години во Македонија не била правена кератопластика, како што се нарекува стручно трансплантацијата на корнеа, во јавното здравство паузата е повеќедецениска пауза. Во Програмата за трансплантација за оваа година беше предвидена подготовка и почнување на методата кератопластика. Кога започнавме заедно со директорката на очна клиника, доц. д-р Наташа Трпевска Шеќеринов, првите разговори и наша заедничка цел ни беше пред крај на годинава да започнеме со корнеалната трансплантација, ова го истакна проф. д-р Билјана Кузмановска во „Студио 10“ на ТВ 24 Вести, се наведува во соопштение од Министерството за здравство кое МИА го пренесува интегрално.
Таа појасни дека тоа што се случуваше во една недела е круна на еден процес кој траеше цела година, тоа е сложена операција, логистички, правно и во секојa смислa да се организира една таква сложена операција.
– Пред се започнавме со тоа што ја контактиравме Владата, без чија поддршка немаше да дојдеме до ова. Владата воспостави правна рамка за одржлив систем и сето тоа овозможи да започнеме една сложена процедура на подготовка, регрутација на пациенти кои имаат потреба од овој тип интервенција, да бидат проценети од офталмолозите, потоа тие пациенти ги ставивме на национална листа за чекање за трансплантација, потоа Kлиниката ги набави очните инструменти, неопходни за овој тип интервенција. Заедно со Клиниката за очни болести воспоставивме партнерски однос со Универзитетската клиника „Дјук“ од САД на наша иницијатива, појасни проф. д-р Кузмановска.
Со ова луѓе кои имаат сериозно оштетување на видот, заради неповратно оштетување на рожницата. За нив единствен лек е трансплантацијата, што значи да се стави рожница од друг човек. Кај пациентите изненадувачки брзо се враќа видот и тие се добро постоперативно.
– Благодарно е да ги видите пациентите да можат да ја видат убавината на светот, да си ги видат своите блиски, да може да читаат што е многу важно, да бидат независни и да го видат изгрејсонцето и зајдисонцето, заклучи таа, додавајќи дека е воспоставен темел, имаме тим од доктори едуцирани кои ќе направат оваа метода да продолжи, зашто континуитетот и одржливоста на методата се најважни за методата.
Извор: kurir.mk

