На денешната свечена седница на Советот на Општина Прилеп, новоизбраниот градоначалник Дејан Проданоски и официјално ја презеде функцијата, означувајќи го почетокот на ново поглавје за градот. Во своето прво обраќање, Проданоски повика на обединување, заедништво и посветеност кон граѓаните, нагласувајќи дека „времето на политички натпревари заврши, а започнува времето на работа и резултати“.

Тој им честиташе на сите 27 новоизбрани членови на Советот на Општина Прилеп, посакувајќи им успешен и конструктивен мандат исполнет со идеи и решенија во корист на граѓаните. Новоизбраниот градоначалник ја нагласи својата заложба за отворена соработка со сите политички субјекти, додавајќи дека „во оваа сала партиските интереси мора да запрат таму каде што почнува интересот на градот“. „Изборите завршија, време е за работа! Граѓаните јасно и одлучно ни ја дадоа довербата да создадеме подобар, посовремен и похуман Прилеп“, изјави Проданоски, најавувајќи конкретни приоритети во наредниот период.

Меѓу најавените проекти се целосно уредување на индустриските зони „Прилеп 4“ и „Прилеп 5“, уредување на коритото на Градската Река и создавање нови зелени површини, изградба на два нови големи парка и на обиколниците „Исток“ и „Запад“, како и изградба на нова детска градинка во населбата „Рид“. Дополнително, најави и реконструкција на спортската сала „Македонија“ и театарот „Војдан Чернодрински“.
„Ова не се само ветувања, ова е наша обврска кон граѓаните. Со поддршката на Владата и со заедничка работа, Прилеп конечно ќе го заземе местото што го заслужува – како центар на развојот и гордост на Македонија,“ порача новиот градоначалник. „Да работиме заедно, да го изградиме Прилеп со кој сите ќе се гордееме – Прилеп кој напредува, Прилеп кој победува!“, заокружи Проданоски на крајот од својот говор.
Дејан Проданоски ја доби довербата на граѓаните уште во првиот круг од локалните избори, а функцијата ја презема од досегашниот градоначалник кој раководеше со градот четири години, д-р Борче Јовчески.

