Младите се најголемиот потенцијал на Прилеп и нивните идеи можат да бидат основа за нови бизниси, работни места и развој на градот, порача прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски.
Проданоски денеска присуствуваше на првиот настан за младинско претприемништво и бизнис-пичинг во Прилеп, на кој ученици од средните училишта ги презентираа своите бизнис-идеи пред претставници на бизнис-секторот, професори, ментори и искусни претприемачи.
„Овие млади луѓе во иднина треба да бидат носители на развојот на локалната економија и локалната заедница. Затоа е важно уште денес да им создадеме простор да учат, да се поврзуваат, да ги развиваат своите идеи и да добијат поддршка за нивната реализација“, порача Проданоски.
На настанот присуствувал и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, како и претставници на Регионалната стопанска комора-Прилеп и локалната бизнис-заедница. Тие со своето искуство и знаење им овозможиле на младите да добијат нова перспектива и да воспостават контакти за понатамошен развој на нивните идеи.
Проданоски посочи дека локалната самоуправа работи на создавање услови младите да ја гледаат својата иднина во Прилеп, а не надвор од градот.
„Нашата цел е младите да имаат можност да создаваат свои бизниси, да отвораат нови работни места и со своите идеи да придонесуваат кон развојот на градот“, истакна прилепскиот градоначалник.
Тој додаде дека преку ваквите иницијативи Општина Прилеп директно учествува во поттикнувањето на претприемачкиот дух кај учениците и во развојот на нивните знаења и способности.
„Заедно го развиваме Прилеп како град во кој младите нема да бараат иднина надвор, туку ќе имаат причина својата иднина да ја градат тука“, порача Проданоски.

