Денес, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, ја посети откупната станица на Тутунскиот комбинат – Прилеп за да се информира за текот на откупот на тутунот во прилепскиот регион.

„Тутунопроизводството е длабоко вкоренето во нашата традиција и претставува силен столб на локалната економија. Прилепскиот регион води по производство на оваа стратешка култура, а повеќе од половина од тутунопроизводителите се токму од овој регион“, изјави Проданоски.
Градоначалникот додаде дека локалната самоуправа и државните институции ќе продолжат да го следат откупот и да се залагаат за фер вреднување на трудот на тутунопроизводителите. „Нашата цел е да ја зајакнеме економската стабилност на Прилеп и да обезбедиме сигурна иднина за сите наши производители, кои се еден од најзначајните носители на локалната економија“, истакна Проданоски.

Според податоците на Државниот инспекторат за земјоделство, досега се откупени над еден милион килограми тутун, со просечна откупна цена од 419 денари за килограм, што е за речиси 20 денари повеќе во споредба со минатата година. Градоначалникот оцени дека ова е позитивен сигнал и додаде дека продолжуваат заложбите вредниот труд на производителите да биде правилно и достоинствено награден.


