Во Собранието се доставени материјалите за избор на Сузана Јошевска-Анастасовска и Арлинда Кадри-Шахиновиќ за членови на Судскиот совет на Република Македонија на предлог на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Арлинда Кадри-Шахиновиќ е универзитетска професорка со долгогодишна академска кариера на Факултетот за правни и политички науки при ФОН и МИТ Универзитет, а во јавноста е позната и како поранешен член на Комисијата за помилување. Сузана Јошевска-Анастасовска е адвокатка со повеќегодишна пракса, особено во кривични предмети.
Предлозите следат по усвојувањето на новиот Закон за Судскиот совет на 29 декември, кој носи измени за зголемување на транспарентноста и отчетноста, јавност во постапките, прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“ и зајакнување на дисциплинската одговорност на членовите.
Судскиот совет брои 15 членови од кои осум ги избираат судиите, тројца Собранието, двајца ги предлага претседателот на државата, а двајца се членови по функција – претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, без право на глас.
Се очекува предлозите на претседателката да влезат во собраниска процедура од понеделник.
Извор: kurir.mk


