На иницијатива на Собраниската комисија за еднакви можности на жените и мажите денеска пратеничките ја започнаа кампањата „16 дена активизам против насилство врз жените и девојките“.
Во рамките на капањата, како што соопшти Собраниската прес-служба, денеска пратеничките излегоа на терен и делеа информативен флаер на граѓаните. Целта, како што е наведено, е директно да ја приближат кампањата и пораката за спречување на насилството врз жените и девојките.
– Во непосредна комуникација со луѓето разговараа за важноста од препознавање и пријавување на насилство, како и за потребата од посилна институционална поддршка. Пратеничките истакнаа дека непосредниот контакт со граѓаните е важен затоа што овозможува размена на информации, но и слушање на реалните проблеми и предизвици со кои луѓето се соочуваат. Тие нагласија дека секој граѓанин треба да знае каде може да се обрати и каква поддршка постои доколку се соочи со насилство, стои во соопштението.
Акцијата, според соопштението, предизвикала позитивни реакции, а многу граѓани изразиле поддршка за активностите и охрабрување за продолжување на вакви јавни контакти и информирање.
Собранието најавува дека ова е само една од серијата активности коишто ќе продолжат во следните денови во рамките на кампањата.
Извор: kurir.mk


