Битола по цели 31 година повторно ќе биде домаќин на еден репрезентативен натпревар. На 9 септември, на стадионот „Петар Милошевски“, младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година ќе го одигра квалификацискиот дуел против Италија.
Продажбата на влезниците започнува, а цената изнесува 200 денари. Билетите може да се набават онлајн преку eticket.ffm.mk и во продажните места на Димпо Тобако во Битола.

Ова ќе биде историско враќање на репрезентативниот фудбал во Битола, бидејќи последниот пат таму беше одигран меч во 1994 година, кога Македонија U21 се соочи со Шпанија.
Фудбалската федерација на Македонија ги повикува навивачите да дојдат во голем број и да им дадат поддршка на младите надежи во престижниот дуел против Италија.