Платформата за борба против корупцијата бара повлекување на дневниот ред за утрешната собраниска седница на која се девет предлог-закони за коридорите 8 и 10-д

3 mins read

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, која брои 18 членки, преку отворено писмо бара од претседателот на Собранието, Талат Џафери, и од пратениците да го повлечат дневниот ред на седницата закажана за утре, на која треба да се најдат девет предлог-закони поврзани со коридорите 8 и 10-д

Предлог-измените и дополнувањата на законите за земјоделско земјиште, експропријација, заштита на културно наследство, урбанистичко планирање, минерални суровини, работни односи, шумите, градење, како и за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10-д, се предложени од пратеници од мнозинството. Од ВМРО-ДПМНЕ вчера реагираа само за законот за заштита на културното наследство, но не и за останатите осум закони

Од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата велат велат дека пратениците имаат обврска да овозможат дискусија и да повикаат стручни лица и засегнати страни при носење на Закони и измени на истите. Воедно се вели дека одредбите кои би требало да се најдат пред пратениците, сериозно ги нарушуваат и индивидуалните права на сопственост загаранитерани со Уставот.

„Носењето на специјален закон како што е Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија уште од самиот почеток вклучуваше ризици од корупција, бидејќи ги заобиколуваше општите закони, на што укажа и Платформата во тогашната реакција, а кон критиките се придружија и други домашни и странски чинители“,

се вели во отвореното писмо.

Согласно ова, за граѓанските организации за борба против корупцијата е изненадувачки што на Седницата која е закажана за утре, се предложени измени на повеќе закони по скратена постапка, бидејќи ниту на граѓаните, ниту на пратениците, ниту пак на стручната јавност, не им е оставено доволно време за да проценат во колкав обем се
се зголемуваат ризиците од корупција со предложените измени, кои имаат потенцијал делумно да ги ограничат заштитните механизми поврзани со остварување на човековите права, заштитата на животната средина и финансиските последици од даночните и други фискални ослободувања кои се предлагаат

„Земајќи го сето ова предвид, Платформата инсистира на повлекување на точката од дневен ред на седницата и повикува на сеопфатна анализа и јавна расправа за тоа колку и кои ќе бидат засегнатите страни со овие предложени решенија, за да се ограничат можностите од корупција иницирани со дерогирање на постоечката законска регулатива на земјата. Граѓаните заслужуваат анализа и отчет во законодавната пракса, а со цел зачувување на владеењето на правото“,

велат од Платформата.

Во Платформата, меѓу другите, членуваат Центарот за граѓански комуникации, Институтот за демократија, МЦМС, Хелсиншки комитет, Транспаренси интернешенел Македонија, Коалиција Сите за правично судење, Институт за човекови права и други релевантни граѓански организации.

Пратениците на седница в понеделник треба да расправаат за предлог-измени и дополнувања на законите за земјоделско земјиште, експропријација, заштита на културно наследство, урбанистичко планирање, минерални суровини, работни односи, шумите, градење, како и за утврдување јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10-д. Тие се предложени од пратеници од мнозинството. Од ВМРО-ДПМНЕ вчера реагираа само за законот за заштита на културното наследство, но не и за останатите осум закони.

Според предлогот на пратениците од власта, меѓу другото, се бара измена на членот 117 од Законот за работни односи, односно предлагаат по ставот 7 да се додаде нов став, 8, кој гласи:

„(8) По исклучок од ставовите (1), (2) и (7) на овој член прекувремената работа
може да трае и подолго од осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот.“

Ова значи дека пратениците предлагаат прекувремената работа на работниците во случаите кои се од национален и стратегиски интерес, како што е проектот „Бехтел и Енка“, да може да трае подолго од пропишаните осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно. Истовремено не кажуваат колку е новата граница за прекувремена работа, што значи дека нема ограничување колку часови дополнително може да работи еден работник.

Понатаму, пратениците предлагаат и измени на членот 134 од Законот за работни односи, со кој се регулира неделниот одмор. Актуелното решение гарантира барем еден ден одмор во работната недела, по правило во недела.

Значи, на работникот да му се обезбеди неделен одмор во некој друг ден во неделата поради објективни, технички и организациски причини и кога работи на проекти од национален и стратегиски интерес за Република Северна Македонија, како што е проектот „Бехтел и Енка“.

Според тоа, работниците ангажирани на изградбата на патиштата, доколку се усвојат овие измени, со претходно дадена писмена согласност, ќе можат да работат прекувремено повеќе од осум часа неделно, неодредено, а слободен ден може да им се дава кој било друг ден во неделата. Тоа секако би зависело од работодавачот.

Сојузот на синдикати на Македонија излезе со реакција за предложените законски измени поврзани со изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10 -д. Од таму ги повикаа пратениците сериозно да размислат пред да го дадат својот глас за, како што наведуваат, катастрофалните предлози за измени на закони по работничките права. 

„Пратениците од владејачкото мнозинство сакаат прекувремената работа да може да трае и подолго од осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работниците кои работат на проекти од национален и стратешки интерес, да немаат слободен ден и да работат во недела“,

се наведува во реакцијата од ССМ.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Честитка на Градоначалничката на Град Скопје Арсовска по повод католички Велигден 09.4.2023

Следно

Ужас во Словенија: Лавина затрупа седум луѓе, маглата го отежнува извлекувањето

Latest from Blog