Скопје, 4 септември 2025 – Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на град Скопје, вечерва оствари средби со жителите на Инџиково во општина Гази Баба.

На средбите, кои ги одржа заедно со сегашниот и идниот градоначалник на Гази Баба, Бобан Стефковски, Ѓорѓиевски истакна дека со големо внимание ги слушнал нивните идеи, барања и секојдневни предизвици, особено оние кои зависат од работата на градската администрација.

„Уверувам дека и во мене и во Боби имаат вистински партнери кои ќе се борат да се решат проблемите, но и да се изградат нови дела што ќе значат вистинска преродба за сите населени места во Гази Баба“, порача Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека поддршката на граѓаните е „силата за едно ново, поубаво и достоинствено Скопје“ и им се заблагодари на сите присутни, истакнувајќи дека нивната доверба е најголемата инспирација за неговата работа.