Во „Куќа на фудбалот“ се одржа средба меѓу раководството на Фудбалската федерација на Македонија и Елкан Мамадов, директор за асоцијации и развој во ФИФА и еден од најблиските соработници на претседателот Џани Инфантино.

Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, истакна дека посетата на Мамадов претставува силна потврда за одличната соработка со ФИФА и континуираната поддршка што федерацијата ја добива во реализацијата на стратешките цели, со посебен акцент на инфраструктурата и зајакнувањето на националните селекции.
Омерагиќ најави дека веќе се договара и посета на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, во првата половина на 2026 година, што дополнително ќе ја зацврсти соработката и ќе отвори нови можности за развој на македонскиот фудбал.

Тој нагласи дека ФФМ останува целосно посветена на принципите што се од клучно значење за ФИФА – транспарентност, одговорност и долгорочен развој на фудбалот на сите нивоа во Македонија.


