Интервју со Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“–Тирана, Албанија
Никола Ѓурѓај е препознатлив како глас на Македонците кај нашиот западен сосед и често јавно говори за односите меѓу Македонија и Албанија, но и за поширокиот контекст на македонското малцинство во регионот, критикувајќи ги блокадите и притисоците врз македонскиот идентитет. Интервјуто со Ѓурѓај е можност да се проникне во неговата визија за положбата на Македонците во Албанија, за предизвиците на политичката интеграција и за симболичката улога на националната борба во зачувувањето на македонската културна автономија Никола Ѓурѓај е македонски национален деец од Република Албанија, познат како претседател на македонското друштво „Илинден“-Тирана и уредник на македонскиот весник „Илинден“, кои ги застапуваат интересите на македонската заедница во оваа земја.
Повеќе од една деценија тој е активен во борбата за културна и национална автономија на Македонците во Албанија, настојувајќи да обезбеди еднакви права, зачувување на јазикот и афирмација на традицијата. Ѓурѓај е препознатлив како глас на Македонците кај нашиот западен сосед и често јавно говори за односите меѓу Македонија и Албанија, но и за поширокиот контекст на македонското малцинство во регионот, критикувајќи ги блокадите и притисоците врз македонскиот идентитет. Интервјуто со Ѓурѓај е можност да се проникне во неговата визија за положбата на Македонците во Албанија, за предизвиците на политичката интеграција и за симболичката улога на националната борба во зачувувањето на македонската културна автономија.
Кога првпат почувствувавте потреба да се вклучите во борбата за правата на Македонците во Албанија?
Тоа чувство се јави уште во младоста, кога сфатив дека нашата заедница е маргинализирана и често невидлива во институциите. Потребата да се вклучам во борбата за правата на Македонците во Република Албанија ја почувствував кога сфатив дека нашиот народ не е доволно видлив и дека нашата култура, јазик и идентитет бараат организирана заштита. Од тој момент решив активно да се борам за достоинствено признавање и зачувување на Македонците во Република Албанија.
Како изгледаа вашите први чекори во политичката и граѓанската активност?
Еве, 16 години како претседател на македонското друштво „Илинден“-Тирана и 14 години како уредник на македонскиот весник „Илинден“ придонесувам активно за заштита на правата на Македонците во Република Албанија, но и за афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет на Македонците во Република Албанија. Вклучен сум како член во Македонската алијанса за европска интеграција од 2006 година, основач сум на Форумот на младите на Македонската алијанса за европска интеграција, моментално сум и член на Централниот комитет на Македонската алијанса за европска интеграција.
Кој момент од вашата кариера го сметате за пресвртница?
Еден од клучните пресвртни моменти во кариерата е кога македонското друштво „Илинден“-Tирана стана рамноправна членка на Федералната унија на европските националности. Преку членството во Федералната унија на европските националности, Македонците од Република Албанија првпат добија пристап до меѓународна платформа за застапување на правата и положбата на Македонците како национално малцинство, а тоа значеше многу поширок досег и влијание. Оттогаш почнав активно да учествува на конгреси и работни групи на ФУЕН, што ми овозможи да ги презентирам Македонците од Република Албанија пред поширока европска јавност. Според мене, тоа членство означило сериозна надградба кон институционален актер што може да зборува и за правата, културата и идентитетот на Македонците од Република на меѓународно ниво.
Како ја гледате улогата на македонското друштво „Илинден“–Тирана во албанското општество?
Македонското друштво „Илинден“-Тирана од своето формирање е посветено на афирмацијата и заштитата на Македонците во Република Албанија. Македонците се автохтоно население, кое со векови живее во региони како Преспа, Голо Брдо, Гора, Пустец, Врбник и Поле и во поголемите градови низ државата. Тие се мирни, лојални и активно придонесуваат во сите области на албанското општество. Македонското друштво „Илинден“-Тирана игра важна улога како чувар на македонскиот јазик, култура и традиции, но и како глас пред институциите на Република Албанија за правата и интересите на Македонците. Преку своето дејствување, македонското друштво „Илинден“-Тирана гради мостови на соработка и пријателство меѓу Албанија и Македонија, промовирајќи мултикултурни вредности и соживот.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочува македонската заедница во Албанија денес?
Секогаш постојат проблеми, почнувајќи од економски, социјални и серија други проблеми. Слободно можеме да кажеме дека за Македонците во Република Албанија најголем проблем е немањето право на образование на македонски мајчин јазик во областите Голо Брдо и Гора, како и во поголемите градови, како Тирана, Елбасан, Корча, Билиште, Поградец. За жал, само во Преспа македонските деца учат на мајчин јазик, и тоа само во основно и средно образование. Уште еден хендикеп за македонските ученици е тоа што во Тирана не функционира катедра по македонски јазик, која беше еден вид замена за високо образование на младите Македонци во Република Албанија. Воочувајќи го ова како голем проблем за Македонците во Албанија, поднесовме иницијатива за реактивирање на лекторатот по македонски јазик во Тирана, кој треба да стане катедра.
Друг голем проблем за Македонците во Голо Брдо е работното време на граничниот премин Џепиште–Требиште, кој беше отворен во мај 2013 година. Владите на Република Македонија и на Република Албанија, на заедничката седница одржана во Поградец, на 15 декември 2017 година донесоа одлука граничниот премин Џепиште–Требиште да работи 24 часа. И покрај тоа, оттогаш до денес преминот не работи 24 часа, туку со редуцирано работно време. Во неколку наврати, ние како друштво баравме овој граничен премин да работи 24 часа поради потребите на граѓаните од двете страни на границата, очекуваме решение за проблемот.
Покрај тоа, голем проблем за Македонците во областите Голо Брдо, Гора и Преспа претставува патната инфраструктура, што е главна причина за слабиот економски развој на овие области населени со македонско население. Во катастрофална состојба е и здравствената заштита во населените места, бидејќи или нема објекти за таа намена или се во исклучително лоша состојба.
Дали постои доволна институционална поддршка за зачувување на македонскиот јазик и култура?
Македонско друштво „Илинден“-Тирана е во контакт со сите релевантни институции и секако дека очекува поголема поддршка за зачувување на македонскиот јазик и култура, бидејќи во овој период ни е најпотребна.
Како ги оценувате сегашните односи меѓу двете држави во контекст на малцинските права?
Односите меѓу двете држави се пријателски и конструктивни, со отворен дијалог и поддршка. Постојат законски основи за образование на мајчин јазик, културни активности и употреба на македонскиот јазик во локалната администрација. Сепак, практичната имплементација на овие права понекогаш е ограничена, што покажува потреба од поголема поддршка и активност на институциите.
Дали сметате дека Македонија доволно ја поддржува својата заедница во Албанија?
Македонската држава треба да им даде поддршка на Македонците во Република Албанија, поддршка од официјалните легитимни претставници на Македонците во Република Албанија. Во исто време е потребна и систематска и посилна поддршка за да се обезбеди целосно зачувување на идентитетот и правата на Македонците во Република Албанија.
Како може да се подобри регионалната соработка за заштита на културната автономија?
Регионалната соработка за заштита на културната автономија може да се подобри преку јакнење на заедничките правни рамки, развој на институционална соработка меѓу државите и поддршка на прекугранични културни проекти. Важно е активно да се вклучат локалните заедници и малцинствата во креирањето културни политики, да се унапредат образовните и јазичните програми и да се обезбеди стабилна финансиска поддршка. Клучна улога имаат и континуираниот политички дијалог и меѓусебната почит, со цел културната разновидност да се зачува и развива.
Колку е важна регионалната соработка за заштита на културното наследство?
Регионалната соработка во заштитата на културното наследство е исклучително важна, бидејќи културните вредности често ги надминуваат националните граници. Таа треба да се темели на широка и инклузивна соработка меѓу државните институции, научните установи и невладиниот сектор, со цел размена на знаења, искуства и добри практики, како и поефикасна и одржлива заштита.
Што значи за вас да бидете „глас на Македонците во Албанија“?
Да се биде глас на Македонците во Република Албанија значи да се застапуваат нивните права и интереси, да се чуваат и промовираат македонскиот јазик и култура и да се создава дијалог за подобра интеграција и еднакви можности.
Како ја гледате улогата на културата и образованието во зачувување на идентитетот?
Улогата на културата и образованието во зачувувањето на идентитетот е суштинска и меѓусебно поврзана. Културата го носи „живото сеќавање“ на еден народ: јазикот, обичаите, уметноста, музиката, празниците, колективните вредности и начинот на размислување. Таа не е само наследство од минатото туку процес што постојано се обновува. Преку културата луѓето препознаваат „кои сме“, создаваат чувство на припадност и континуитет, особено во време на глобализација и брзи општествени промени. Квалитетното образование помага идентитетот да не биде затворен или исклучив, туку самосвесен и отворен кон другите. Најсилниот идентитет не е оној што се плаши од промени, туку оној што знае од каде доаѓа и свесно избира како ќе се развива.
Дали младите генерации се доволно вклучени во оваа борба?
Вклученоста на младите генерации постои, но не секогаш е доволна или препознаена. Од една страна, многу млади активно учествуваат преку нови форми на изразување – дигитални медиуми, социјални мрежи, уметност, активизам и неформално образование. Тие често го интерпретираат идентитетот на современ начин, што покажува дека интересот не исчезнал, туку се менува формата. Од друга страна, некои од младите се чувствуваат оддалечено од традиционалните пристапи кон културата и образованието, особено кога тие се претставени како застарени или наметнати. Недостигот од поддршка, простор за креативност и вистинско учество во одлуките често ја намалува нивната мотивација.
Кој е вашиот сон за положбата на Македонците во Албанија во наредната деценија?
Сонот за положбата на Македонците во Република Албанија во наредната деценија би бил реалистичен, достоинствен и остварлив и би се засновал на права, видливост и самодоверба, образование на мајчин македонски јазик таму каде што има бројка, право на службена употреба на јазикот на локално ниво и стабилна поддршка за културни и медиумски активности. Македонците во Република Албанија да настапуваат со заеднички глас, над партиски и лични поделби, со легитимни претставници што уживаат доверба меѓу луѓето. Слободно да се изјаснуваат како Македонци без притисок, стигма или административни пречки. Македонскиот идентитет да биде прифатен како природен дел од албанското мултиетничко општество. Младите да не мора да заминуваат за да опстанат. Развој на пограничните региони, стипендии, размена со Македонија и Европа и можности за вработување на локално ниво. Македонците во Република Албанија да бидат мост на соработка меѓу Република Албанија и Република Македонија, културно, образовно и економски. Македонците во Република Албанија гордо да го чуваат својот идентитет и да имаат иднина дома.
Дали планирате нови иницијативи или проекти за афирмација на заедницата?
Македонците во Република Албанија имаат богата историја и културно наследство, па секоја иницијатива за афирмација е значајна. Во последните години има некои иницијативи што се насочени кон зачувување на македонскиот јазик, култура и традиција, но сигурно може да се направат и нови напори. Некои идеи за нови проекти, организирање културни манифестации, фестивали и концерти на кои ќе се промовираат македонската музика и традиции. Тоа може да помогне да се создаде поголема видливост на македонската култура во Република Албанија.
Ако треба да оставите една порака за идните генерации Македонци во Албанија, која би била таа?
Чувајте ги македонскиот идентитет, јазик и традиција како највредно богатство. Бидете горди на своето потекло.
Ви благодарам за честа да дадам интервју за весникот „Нова Македонија“. Ви посакувам успешна и плодна година во сите аспекти на вашиот живот и работа.


