Извршната власт подготвува интервентни мерки за да ги заштити граѓаните од најавениот драстичен скок на цените на горивата на светските берзи. Според најавите на премиерот Христијан Мицкоски, без владина реакција, бензините би поскапеле за околу 6,5 денари, додека кај дизелот покачувањето би изнесувало дури 10,5 денари по литар.
За да се спречи ваквиот удар врз стандардот, Владата одлучи да го намали ДДВ-то за горивата од 18% на 10%.
„Со оваа интервенција, цената на бензините се очекува да остане речиси иста, додека поскапувањето кај дизелот ќе се амортизира на околу три до три и пол денари по литар, наместо првично проектираните десет денари“, објасни Мицкоски.
Паралелно со даночните измени, премиерот соопшти дека во текот на утрешниот ден министерката за енергетика, рударство и минерални суровини ќе разговара со директорот на Окта за да го зголеми попустот што го даваат на трговците. Целта е да се зголеми попустот кон трговците на мало, што дополнително би ги спуштило малопродажните цени за уште три денари под максимално дозволената граница утврдена од Регулаторната комисија за енергетика.
Извор: zurnal.mk


