Битола уште еднаш ја потврди својата препознатлива празнична магија преку традиционалното возење на битолските моторџии, кои облечени како Дедо Мразовци продефилираа низ градските улици, носејќи радост, насмевки и празничен дух.
Настанот се одржа по иницијатива на „Зимска приказна“, а како и изминатите години, привлече големо внимание кај граѓаните, особено кај најмладите. Колоната на мотори, украсени и придружени со празнична атмосфера, создаде вистински спектакл и уште еднаш покажа дека Битола знае да ги негува празничните традиции.
Мото клубот „Конзули“, во соработка со „Зимска приказна“, и оваа година беше главен носител на организацијата, а нивната заедничка иницијатива прераснува во убава градска традиција која ги обединува љубителите на моторите и празниците, но и сите граѓани кои со задоволство ја следат оваа манифестација.
Со вакви настани, Битола ја зајакнува празничната понуда и уште еднаш се позиционира како град со топол дух, солидарност и заедништво, каде празниците се слават со срце и насмевка.


