Светските медиуми имаат нова омилена рубрика за „трач“ вести, поврзани со пијачките навики или недостигот од нив на младата популација, пред се од т.н. Генерација Зет. Натписите понекогаш се преувеличени, односно дека намалената потрошувачка на алкохол влијае на економскиот раст, дека угостителите и рестораните мора да ги менуваат понудите исклучиво за повозрасните генерации и дека се менуваат производите за повеќе да одговараат на потребите на младите. Но, дали навистина е така и во Македонија, што велат статистиките, има ли намалена продажба на алкохол и колку за тоа се „виновни“ младите?
Од културолошки аспект станува навистина дегутантно што една цела генерација е посочена со прст, а со тоа и автоматски и се лепат бројни етикети дека е антисоцијална и дека тоа ќе води кон распад на општествените вредности, како помалку склучени бракови и намалување на наталитетот.
Една од можните причини зошто младите помалку пијат алкохол споредено со повозрасните генерации е што постојано се изложени на опасноста да бидат снимени со мобилните телефони и инстантно објавени на социјалните мрежи. До пред десетина години ако млад човек се поднапиеше, најмногу што ќе го фатеше срам за можните непосакувани постапки е од неговото непосредно друштво, или ако го дознаат родителите. Сега, општествениот срам е далеку поголем, и едно вирално видео со поднапиен тинејџер или адолесцент може да го видат илјадници луѓе, да привлече бројни негативни коментари, булинг и сајбер вознемирување.
Исто така треба да се земе в предвид и промената која се случи по пандемијата. Кога светот буквално застана за миг, престанаа и честите дружби со пријателите по кафе барови, дискотеки и кафеани. Така се намалија и навиките за консумација на алкохол на општо ниво, а не само како последица од можни објави на социјалните мрежи.
Дополнително, помладата генерација е досега можеби најосвестена за потребата од грижа за сопственото ментално здравје. Затоа новинските статии делуваат дури и морбидно. Зошто еден млад човек да си го уништува здравјето, и непотребно да консумира големи количини на алкохол. Зарем, намалената употреба на алкохол не е ли добра вест за општеството?
Интересно е што и податоците на Заводот за статистика според анкетата за потрошувачка по производи на домаќинства укажува дека во последните години се намалува вкупната потрошувачка на алкохол. Ако во 2002 година во просек едно домаќинство со четири члена годишно консумирало над 80 литри алкохол, во 2025 година таа бројка е намалена за околу 57 отсто, или едно домаќинство во 2025 година потрошило околу 35,5 литри вкупно алкохол.
Иако ова се податоци внесени од анкетата за лична потрошувачка на домаќинства, а не вкупна продажба и консумација на алкохолни пијалоци во Македонија по години, сепак може да се забележат одредени трендови во последните години, особено по 2020 година.
Имено, според оваа анкета се намалува потрошувачката на вино (-77 отсто по домаќинство) и на ракија (-86,7 отсто по домаќинство), додека пак расте потрошувачката на вотка и шток. Иако нивната потрошувачка по домаќинство е под 1 литар, се бележи раст од над 200 отсто.
Интересно е што од 2019 година на статистичките табели се појавуваат и енергетските пијалоци чија потрошувачка постојано расте од 2019 година и веќе во 2025 година достигнува 0,4 литри по домаќинство.
Според проценките од достапните податоци за продажба на алкохол од македонската царина, може да се дојде до бројки од над 150 милиони литри пласиран алкохол пред дваесетина години, за сега вкупниот алкохол на македонскиот пазар да биде проценет на околу 125 милиони литри или намалување за околу 20 отсто.
Но, додека во вкупни бројки се намалува вкупната количина на алкохол, сепак тоа не значи дека се намалува и вредноста на купениот алкохол, бидејќи како што се менуваат навиките на потрошувачите, така се менува и понудата, а тука влијание секако има и инфлацијата, но и промена во вредноста на брендовите, пласирање на поскапи сорти на алкохол, и итн.
Македонските граѓани во 2002 година околу 4,4 отсто од своите средства издвојувале за алкохол, од 2008 до 2016 година речиси постојано тој удел бил под 4 осто, а веќе од 2021 година постојано вкупниот буџет за алкохол од вкупната потрошувачка е над 5 отсто.
Според анализите на Светската здравствена организација, во последните години се намалува просекот на консумација на литри чист алкохол кај лицата над 15 години. Ако во 2002 година, едно лице со возраст од најмалку 15 години консумирало 5,2 литра во просек, во последните години таа потрошувачка драстично се намалува и последно е проценета под 4 литри или намалување за околу 25 отсто. Овие бројки секако не треба да се земат во апсолутна вредност, туку како трендовски индикатори.
За жал не може да се пронајдат релевантни податоци за консумацијата на алкохол според возрасни категории и да се посочи дали една генерација е „виновна“ за падот на пазарот со алкохолни пијалоци, ниту пак во Македонија е спроведена релевантна студија за Генерацијата Зет и нејзините потрошувачки навики, видови на пороци, издвоени средства за алкохол, тутун, енергетски пијалоци и наркотици, од што би се добило една поголема слика.
Претпоставката или обвинувањата дека припадниците на Генерацијата Зет „ја уништува економијата“ со тоа што пијат помалку е една претерана медиумска и културолошка хипербола. Дури одредени светски индикатори укажуваат дека како што припадниците на Генерација Зет надминуваат одредена возраст, така и се зголемува нивната консумација на алкохол и дека се доближуваат до стапките на претходните генерации.
Оваа генерација повеќе троши на други сегменти, како што е лично здравје и нега, здрава храна и велнес, и секако алтернативни безалкхолни пијалоци што создава можности за економски раст со адаптирање на пазарот и понудата на брендовите.
Извор: zurnal.mk
