Македонија остана на 235 патронажни сестри: во Тетово една покрива над 33.000 жители

August 18, 2026
2 mins read

Додека здравствениот систем постојано зборува за превенција и рано откривање на болестите, патронажната служба која треба да стигне до граѓаните пред тие да станат пациенти работи со сè помалку луѓе и со огромни разлики од еден до друг регион. Во Македонија во 2024 година имало само 235 патронажни сестри, а во тетовскиот здравствен регион една сестра во просек покривала повеќе од 33.000 жители.

Податоците од Здравствената карта на Институтот за јавно здравје покажуваат дека на ниво на државата на една патронажна сестра во 2024 година доаѓале во просек 7.763 жители. Но, разликите меѓу регионите се драматични. Во Тетово биле евидентирани само пет патронажни сестри, со сооднос од 33.479 жители на една сестра. Во Гевгелија една сестра покривала повеќе од 31.000 жители, додека во Скопје со 58 сестри просекот бил над 10.400 жители на една патронажна сестра.

Проблемот повторно го отвори претседателката на Здружението на медицински сестри, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“, Гордана Бешлиовска, која во интервју за СДК.мк предупредува дека недостигот на кадар веќе директно ја ограничува достапноста на превентивната здравствена заштита.

Според податоците на Здружението што ги пренесува СДК.мк, Општина Тетово, со повеќе од 60.000 жители, располага со пет патронажни сестри, додека скопски Карпош, со приближно ист број жители, има само две. Бешлиовска посочува дека стандардите предвидуваат една патронажна сестра да покрива од 3.000 до 5.000 жители во урбана, односно од 2.000 до 4.000 жители во рурална средина.

Патронажната сестра не е здравствен работник чија работа се сведува само на посета на мајки и новороденчиња. Таа треба да следи развој на деца, да советува родители, да работи со повозрасни и хронично болни лица, да препознава ризици и навреме да упатува кон лекар.

Токму затоа слабеењето на оваа служба има пошироки последици за целиот здравствен систем. Колку помалку луѓе се опфатени со превентивна грижа во домот, толку е поголема веројатноста здравствените проблеми да бидат откриени подоцна, кога веќе е потребно лекување.

„Целта на патронажната служба е токму корисниците да не станат пациенти“, вели Бешлиовска за СДК.мк.

Особено загрижува и трендот на намалување на кадарот. Институтот за јавно здравје во 2023 година регистрирал 258 патронажни сестри во земјата, а во Здравствената карта за 2024 година нивниот број е намален на 235. Тоа е 23 сестри помалку за само една година.

Во исто време расте и просечниот број жители што треба да ги покрива една сестра. Во 2023 година просекот бил околу 7.085 жители на една патронажна сестра, додека една година подоцна надминал 7.760 жители.

Бешлиовска за СДК.мк посочува уште еден проблем. стареењето на кадарот. Значителен дел од сестрите се на возраст меѓу 50 и 60 години, додека интересот кај младите медицински сестри за работа во патронажата е мал. Како причини ги наведува несигурните работни ангажмани, недоволното препознавање на образованието и слабите услови за работа.

Патронажните сестри на терен честопати немаат ни основни логистички услови. Според Бешлиовска, дел од нив до домовите на граѓаните стигнуваат пеш, со автобус или велосипед, додека истовремено од нив се очекува да покриваат големи подрачја и голем број корисници.

Недостигот од кадар е само еден дел од проблемот. Здружението „За нас“ предупредува дека Македонија сè уште нема целосно законски регулирана сестринска професија со јасно определени автономни компетенции и систем на лиценцирање.

Тоа во практика создава ситуации во кои патронажната сестра носи голема одговорност на терен, но нема секогаш прецизна законска рамка што утврдува кои постапки може самостојно да ги преземе.

Од Здружението бараат закон за сестринската професија, лиценцирање, формирање комора и јасно дефинирање на професионалните овластувања. Според нив, без таков систем тешко може да се очекува патронажната служба да стане вистински столб на превентивното здравство.

Бројките од ИЈЗ покажуваат дека проблемот веќе не може да се сведе само на условите во кои работат медицинските сестри. Со 235 патронажни сестри за целата држава и региони во кои една сестра покрива десетици илјади жители, прашањето е колкав дел од граѓаните воопшто можат навреме да ја добијат превентивната грижа што системот предвидува да им биде достапна.

Извор: zurnal.mk

VERO JUMBO

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Над 30 милиони денари промет на Македонската берза

Следно

Проданоски: Сè што имаме ставаме на располагање за справување со пожарот

Latest from Blog

На Пентагон итно му се потребни 50 милијарди долари- Хегсет откри за што станува збор (ВИДЕО)

Министерот за одбрана Пит Хегсет се обрати на конференцијата на AUSA за време на панел-дискусија за проектот Агинкур, откривајќи дека Пентагон бара приближно 50 милијарди долари средства обезбедени преку посебен процес на

Десаи: Реал Мадрид летоска требаше да го продаде Винисиус

Поранешниот француски фудбалер, Марсел Десаи, смета дека Реал Мадрид требало да размисли за продажба на Винисиус за време на летниот преоден рок. Според освојувачот на Светското првенство во 1998 година, обидот истовремено

Спор околу Сеута: Шпанската опозиција бара распоредување на морнарицата

Неговото барање доаѓа како одговор на непотврдени извештаи дека марокански патролен брод претходниот ден навлегол во водите на шпанската енклава. Како лидер на опозицијата, Феихоо му се спротивставува на актуелниот социјалистички премиер

Одлични вести за навивачите на Барселона: Рафиња и Де Јонг се враќаат за дуелот против Бетис

Барселона ја очекува тешко гостување кај Бетис во деветтото коло од Ла Лига, а тренерот Ханси Флик на прес-конференцијата потврди дека Рафиња и Френки де Јонг се опоравиле од повредите. Каталонците имаат

Македонската берза ја заврши неделата во минус: МБИ10 падна на 9.006,70 поени

Изготвен од Илирика Инвестментс АД Скопје врз основа на официјални податоци од Македонска берза. Тргувањето на Македонската берза на 16.10.2026 заврши со пад на индексот МБИ10, кој изнесуваше 9.006,70 поени. Во однос
Go toTop