Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, денеска на прес-конференција го претстави предлог-законот за критична инфраструктура, со кој партијата предлага обезбедувањето на стратешките објекти од највисоко национално значење да го преземе Армијата на Република Македонија.
Според Мециновиќ, државата не смее да се однесува кон стратешките капацитети како кон обична административна формалност, бидејќи тие претставуваат прашање на национална безбедност.
Како причина за предлогот, тој ги посочи неодамнешните случаи со загадување на водата во Гостивар и Ресен, како и случувањата во Крушево, оценувајќи дека тие покажале оти државата нема доволно ефикасен систем за заштита на критичната инфраструктура.
„Зборуваме за системи за водоснабдување кои директно ги засегаат здравјето, безбедноста и животот на граѓаните. Не смее да живееме во страв дали водата што ќе потече од чешмата е безбедна за пиење“, изјави Мециновиќ.
Тој истакна дека, иако предлог-законот ја препознава потребата од заштита на критичната инфраструктура, потребни се дополнителни мерки. Според Левица, обезбедувањето на водоснабдителните системи, браните, енергетските капацитети, клучните комуникациски центри и другите стратешки објекти треба да биде доверено на Армијата, во координација со полицијата и останатите надлежни институции.
„Армијата е единствената институција која располага со потребната организација, дисциплина, обучен кадар и капацитет за соодветно обезбедување на овие објекти“, рече Мециновиќ.
Тој оцени дека во услови на зголемени безбедносни ризици, хибридни закани и климатски промени, националната безбедност мора да биде највисок приоритет, а не тема за која ќе се реагира дури по настанување на криза.
На крајот, Мециновиќ ги повика пратениците да го поддржат предложеното законско решение, оценувајќи дека заштитата на критичната инфраструктура е прашање на национален суверенитет и безбедност.
Извор: zurnal.mk


