Првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, кој воедно е и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, денес заедно со младите од Чаир ја презентираше дигиталната платформа „Младите за Чаир“.

Станува збор за модерна и интерактивна алатка преку која младите и граѓаните ќе можат да ги споделуваат своите идеи и предлози за развој на општината. Платформата беше пуштена во употреба токму на Меѓународниот ден на младите, како симбол дека иднината на Чаир започнува со младите.

„Тие се најсилната движечка сила на промените и нашите главни партнери во развојниот процес,“ истакна Меџити.

Преку платформата веќе се пристигнати први предлози, меѓу кои и иницијатива за формирање на Call Center за граѓаните, со цел побрза, поефикасна и потранспарентна комуникација со општината.

Покрај тоа, стартува и културната недела „Ајде во Чаршија“, која во следните седум дена ќе понуди богата програма со културни и уметнички активности во Старата скопска чаршија. Настанот ќе вклучи учество на домашни уметници и ќе има за цел да ја промовира културната традиција и вредностите на Чаир.
Меџити ги повика сите граѓани активно да се вклучат во настаните и да придонесат кон заедничко славење на идентитетот и културното наследство.