Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, заедно со тимот што го изработи Мастер планот за општината, оствари теренски посети во неколку населби за да ја следи реализацијата на проектите кои веќе се во тек.
За време на посетите беа презентирани досега реализираните интервенции и следните фази на урбаниот развој. Меѓу клучните проекти се уредувањето на улицата „Ферид Мурат“ и булеварот „Мит’хат Фрашери“, каде веќе се видливи подобрувањата во сообраќајот, пристапноста и урбаниот стандард.
„Мастер планот на Чаир не е само стратешки документ, туку конкретен процес кој се реализира на терен преку инвестиции што го подобруваат квалитетот на животот на граѓаните“, истакна Меџити.
Паралелно продолжува изградбата на општинскиот базен, кој ќе придонесе за развој на спортот, рекреацијата и младинските активности. Стратешки значаен е и проектот за проширување на булеварот „Цветан Димов“, кој ќе го зголеми функционалното и безбедносното ниво на сообраќајот, а поставувањето на подземни контејнери воведува современ пристап во управувањето со отпадот.
Теренските посети служат за следење на динамиката на реализацијата и координација на наредните фази, со цел проектите да се завршат според предвидените стандарди и рокови. Мастер планот на Чаир така добива конкретна форма преку инвестиции кои директно влијаат врз квалитетот на животот и долгорочниот развој на општината.


