Фудбалската асоцијација на Англија конечно се огласи за случајот со Манчестер сити, со што целата ситуација добива нова димензија.
Случајот со Манчестер сити, односно наводните прекршувања на финансиските правила од страна на повеќекратниот англиски шампион, и понатаму е една од главните теми на Островот.
Сега Манчестер сити се соочува со нов притисок. Откако независна комисија утврди бројни финансиски прекршоци, за првпат официјално се огласи и Фудбалската асоцијација на Англија.
Пораката од седиштето на англискиот фудбал е особено интересна бидејќи остава простор за можни дополнителни дисциплински мерки против актуелниот шампион на Англија.
„Одлуката на независната комисија има значајни последици врз интегритетот на фудбалската игра. Внимателно ја разгледуваме одлуката и нејзините последици и ќе преземеме соодветни мерки кога тоа ќе биде потребно“, соопштија од ФА.
Англиската асоцијација, сепак, не откри какви конкретни мерки би можеле да следуваат. Оттаму нагласија дека нема дополнително да го коментираат случајот додека постапките меѓу Премиер лигата и Манчестер сити сè уште траат.
Да потсетиме, независната комисија утврди дека Манчестер Сити ги прекршил финансиските правила на Премиер лигата во периодот од 2009 до 2018 година. Во постапката биле опфатени и обвинувања за неточно прикажување на приходите од спонзорските договори.
Манчестер сити ги отфрла обвинувањата и најави жалба на одлуката на комисијата.
Сепак, сега е јасно дека случајот не се следи само во рамките на Премиер лигата. ФА потврди дека ја разгледува одлуката и нејзините последици, со што може да се отвори ново поглавје во еден од најголемите финансиски случаи во историјата на англискиот фудбал.
Дали случајот ќе заврши со жалбена постапка или Манчестер сити ќе се соочи и со дополнителни дисциплински последици, останува да се види.
Извор: sportmanija.mk


