Од 13-18 Октомври, во организација на Медицинскиот симулациски центар, а во соработка со Европскиот Совет за Ресусцитација, се одржа тренинг обука за Основно и напреднато одржување во живот (АЛС и БЛС).

На оваа обука, најголема од овој вид досега во Македонија, 39 доктори и медицински сестри од итната медицинска помош од 24 општини во државата, беа обучени во согласност со европските стандарди и се стекнаа со ЕРЦ сертификати за основно и напреднато одржување во живот.

Обуката ја спроведоа петте инструктори од МЛС, асс. д-р Љубица Миќуновиќ Деребанова, асс. д-р Васко Демјански, д-р Азби Агуши, асс. д-р Александар Колев и асс. д-р Александар Димитровски, во соработка со инструкторите на ЕРЦ од Србија, Босна и Хрватска, предводени од прим. д-р Златко Фишер и проф. д-р Виолета Рафај, кои имаат повеќе од три децении искуство во ресусцитациската едукација.

Воедно, со оваа обука македонските инструктори се сертифицираа и како официјални ЕРЦ инструктори за Македонија за основно и напредно одржување во живот, а Медицинскиот симулациски центар се екипира со овластени инструктори за ЕРЦ обуки. Во иднина, заинтересираните граѓани од Република Македонија, ќе можат овие обуки и сертификати да ги добиваат и овде, а не како досега во некои од другите регионални центри.


