Падот на производството кај хидроцентралите за 28,1% во август 2025 резултира со поголема зависност од увезената електричната енергија. Увозот во август достигна 150.637 MWh наспроти 125.863 MWh во август 2024 година, што е раст од речиси 20%. Недостатокот на домашна струја значеше и пад на извозот и тој се сведе на 122.846 MWh наспроти 177.822 MWh една година претходно. Пад на производството имаше и кај комбинираните централи за 45,4% на годишно ниво. Ова го покажуваат податоците од Државниот завод за статистика во извештајот со енергетските биланси за август 2025 година, кога вкупното бруто домашно производство изнесуваше 381.301 MWh и покри 93,2% од бруто-домашната потрошувачка. Овие поместувања директно ја рефлектираат хидролошката слика на летото 2025 и послабиот дотек во акумулации.
И не само од аспект на електрична енергија, Македонија генерално над 60 отсто од вкупната енергија за државата ја обезбедува од увоз. Овие бројки се уште не се намалуваат. Според официјалните енергетските биланси за 2024 година објавени од Заводот за статистика и лани сме увезле две третини од вкупната енергија што сме ја потрошиле.
Оваа зависност од увоз многу влијае и на цената на електричната енергија. Раст на домашните проиводни капацитети ќе значи и поголема самостојност и предвидливост на цените на струјата.
Зошто во оваа слика, важно е местото на хидропотенцијалот?
Причините за падот на хидропроизводството: сушни услови и послаб дотек
Летото 2025 во поголем дел од Балканот беше сушно, со подпросечни врнежи и намалена влажност на почвата, што се преведе во послаб дотек и пониски нивоа на акумулации. Месечниот климатски билтен на Copernicus за август го бележи Балканот меѓу регионите со сушни аномалии, а регионалниот Центар за управување со суши за Југоисточна Европа (DMCSEE) на крајот на август укажува на дефицит на врнежи и повисоки температури во централниот дел на полуостровот. Овие сигнали се поклопуваат со падот на хидропроизводството дома и со зголемената потреба за баланс преку увоз.
Хидроцентралите носат флексибилност на енергетските сиситеми. Преку инвестиции во пумпни хидроцентрали за намалува и влијанието на осцилациите со вода. Големата предност на силниот хидропотенцијалот е што може брзо да реагира и да надомести недостатоци во потрошувачката на струја, а потоа и брзо да го намали производството, кога ќе огрее сонцето или задува ветерот. Ова тројство е неопходна комбинација за секој систем кој сака да ги намали емисиите на јаглерод во проводството на електричната енергија и со тоа да плаќа пониски такси за јаглеродот, особено за систем како македонскиот каде значаен дел од производството доаѓа од јаглен, а еден помал дел и од гас.
Портфолиото на Електрани на Македонија има околу 557 MW инсталирана моќност во хидроцентрали со просечно годишно производство околу 1.200 GWh, но реалниот месечен аутпут природно варира со хидролошките услови. Во август, хидроцентралите испорачаа 79.362 MWh, што е 20,8% од вкупното домашно производство на електрична енергија.
Август праќа сигнали за инвестиции во хидропотенцијалот
Летните месеци, како годинава август се потсетници дека на домашното производство силно влијае и сезоната. Впрочем намаленото хидро-производство не е „аномалија“ туку повик дека се потребни искористувања на потенцијалот со нови современи капацитети кои ќе функционираат како батерии во системот. Пумпните хидроцентрали ќе обезбедат поголема самостоност, наместо когенеративните централи и термоелектраните да стануваат „пожарогасители“ во мрежата, сако кога достапнооста до горива, цените и операбилноста го дозволуваат тоа. Затоа што следниот „пожарникар“ во низата е увозот.
Како до „паметен“ хидропотенцијал?
Рехабилитација и модернизација на постојните хидроцентрали и инвестиции во пумпно-акумулациски системи, кои може да складираат и стотици мегавати-часови, планиран паралелно со синхронизиран раст на сончевите и ветровните капацитети. Искористување на водоводните и колекторските системи каде постојат можности за инсталации на мини хидропроизводители. Последна на списокот е изградба на мали хидроценбтрали кои ќе работат согласно строгите европски стандарди и правила за води, еколошкиот проток и миграцијата на рибата. Европската унија значајно се потпиа на хидропотенцијал кој е лоциран во заштитени природни зони со имплементирани правила и мерки за заштитата на биодиверзитетот.
Техничкиот хидропотенцијал на Македонија е околу 5.500 GWh годишно, а тековно се искористуваат приближно 1.500 GWh годишно. Хидропотенцијалот учествува со околу 20 проценти од домашниот производствен капацитет. Практично неискористениот потенцијал е околу 4.000 GWh годишно. Доколку целиот не може да се искористи поради правилата и мерките за заштита на биодиверзитетот, сепак потенцијалот за нови инвестиции е голем затоа што Македонија има над 70% неискористен хидропотенцијал.
Наместо едноставно „градење уште“, интелигентно искористување на постојниот хидропортфолио, планско воведување складирање преку пумпни хидроцентрали и дисциплина во еколошките стандарди. Така хидропотенцијалот не е само извор на енергија, туку инфраструктура за стабилност во ерата кога соларот и ветерот ќе растат уште побрзо.
 
            
 
 
         
 
 
 


 
                             
                             
                             
                            